ЕП 2020

Македонија со тежок пораз од Австрија го заврши настапот на Европското првенство

Македонската ракометна репрезентација доживеа дебакл против Австрија во последниот меч од групната фаза, загубивме со 32:28 и го завршивме настапот на Европското првенство. 

Заврши Европското првенство за Македонија, нашите ракометари со големи мотиви и амбиции влегоа во денешниот натпревар против Австрија, но домаќините ни одржаа ракометна лекција и сосема заслужено одат понатаму, а ние вечерва ќе почнеме да ги пакуваме куферите.
 
Нашата одбрана се фокусираше на нивните најдобри играчи, Билик и Божовиќ, а тоа им даде шанса на другите австриски ракометари кои ја полнеа мрежата на нашите голмани.
 
Австрија го затвори Кире Лазаров, а другите ракометари како и на претходните два натпревари не беа на потребното ниво на едно вакво натпреварување. Нападот не функционираше, пропуштивме многу зицери и направивме грешки кои не смеат да се случуваат.
 
Домаќинот тргна моќно уште на стартот, почнаа со серија од 4:1, но успеавме да се вратиме и да намалиме на еден негатива, сепак како одминуваше времето беше јасно дека го губиме мечот. Пред крајот на полувремето Австрија направи предност од дотогаш највисоки осум голови разлика, а на одморот замина со позитива од шест 18:12.
 
Во вториот дел Австријците неколку пати дојдоа до предност и од десет голови разлика, а откако видоа дека нема шанса да го загубат мечот се опуштија. Македонија во последните минути направи серија од 6-0 и успеа само да направи поразот на хартија да не изгледа толку висок. Загубивме со 32:28.
 
Стоилов со пет голови беше нашиот најефикасен играч денеска, по три дадоа Лазаров, Георгиевски и Маџовски. Голманите имаа вкупно седум одбрани, Митревски две во првото и Ристовски пет во второто полувреме. Кај Австријците Вебер постигна седум голови, Билик имаше шест, Божовиќ пет. Голманот Ајхбергер имаше 16 интервенции.
 
Со овој пораз Македонија го заврши настапот на Европското првенство, се чини дека ова е и реалноста на овој состав, која е поинаква од очекувањата на јавноста.
 
 

Македонија од своето осамостојување постојано е на листата држави за чии граѓани е потребно да имаат британски визи доколку сакаат да патуваат во Обединетото кралство. 

повеќе

Една од особеностите на словенската јазична група е дека нема случај два народи да зборуваат еден ист јазик или барем тоа да е официјално признаено.

повеќе