СП ФРАНЦИЈА 2017

Македонија го почнува настапот на Светското првенство во Франција

Македонската ракометна репрезентација денеска со почеток од 17:45 го игра својот прв натпревар на мундијалот во Франција, противник е селекцијата на Тунис.

Македонија го започнува своето петто учество на Светските ракометни првенства, избраниците на Лино Червар се среќаваат со стариот познајник Тунис на стартот од мундијалот.
 
Историјата вели дека „црвено-жолтите“ добро ги стартуваат светските собири, на претходните четири, три пати почнавме со победа, еднаш доживеавме минимален пораз.
 
Македонија на ова Светско првенство ќе настапи со подмладен состав, со неколку нови играчи кои во иднина треба да бидат столбот на македонската селекција, но во тимот има и искусни ракометари кои ќе ја водат репрезентацијата на овој шампионат. Лазаров, Миркуловски, Манасков, Георгиевски, Стоилов... многу добро знаат како е да се настапува на големите натпреварувања.
 
На селекторската позиција е Лино Червар, човекот кој стана Олимписки и Светски шампион со репрезентацијата на Хрватска, има и уште две сребра од мундијалите и две сребра од Европските првенства. 
 
Интересно ќе биде да се види како Македонија ќе помине на голманската позиција. Лино Червар се одлучи да не го повика Борко Ристовски, а меѓу 16. за мечот против Тунис не го одбра ниту Никола Митревски. Селекторот ќе се потпре на Кирил Колев и Благојче Трајковски кои немаат искуство на големи натпревари.
 
Македонија треба да изгледа и тактички поинаку, помодерно, побрзо, дел од нападите ќе бидат и со седум ракометари. Кратко беше времето на подготовки, одигравме само три пријателски мечеви против Босна и Херцеговина, па до почетокот на првиот натпревар останува мистерија колку добро ракометарите ги совладале лекциите на Лино Червар.
 
Првиот противник е Тунис, селекција која ја совладавме релативно лесно на претходното Светско првенство, но и репрезентација која не победи во олимписките квалификации и ни го сруши сонот за Рио. Според прогнозите ова е пречката која треба да се урне за пласман во осминафиналето, па првиот меч се смета и за клучен. По Тунис, следува дуел со аутсајдерот Ангола, а потоа и со посилните Словенија, Шпанија и Исланд.
 
Целта на ова Светско првенство е да се мине групната фаза, да се стигне во нокаут рундата, а за тоа ќе ни бидат потребни најмалку две победи. Ракометарите се подготвени и желни да остават добар впечаток, да ги задоволат македонските навивачи. 
 
Кирил Колев, Благојче Трајковски, Никола Маркоски, Дејан Манасков, Гоце Ојлески, Гоце Георгиевски, Мартин Поповски, Стојанче Стоилов, Велко Маркоски, Филип Талески, Марко Нелоски, Кирил Лазаров, Филип Лазаров, Филип Миркуловски, Стефан Дрогришки и Влатко Митков се 16. ракометари кои ќе го почнат Светското првенство. Никола Митревски, Жарко Пешевски и Ристо Арнаудовски ќе ја чекаат шансата за влез во тимот во понатамошниот дел од турнирот. Селекторот има можност три пати да направи замена за време на првенството.
 
Распоредот на натпревари на Македонија на СП во Франција:
 
12.01. 17:45 - Македонија - Тунис
14.01. 20:45 - Македонија - Ангола
16.01. 17:45 - Македонија - Словенија
18.01. 20:45 - Македонија - Шпанија
19.01. 17:45 - Македонија - Исланд

Реформи во образованието секако дека се потребни, но тие треба да се базираат на цврсти докази поткрепени со позитивни резултати за напредок.

повеќе

Кога ќе се каже Западна Европа, во Македонија се мисли дека се работи за место каде што царува сознанието.

повеќе

Постојат кафе барови каде стои натпис дека немаат интернет па препорачуваат луѓето да си прават муабет како порано. 

повеќе