Големиот талент не е на списокот за ЕП У18

Стефанов нема да игра на ЕП, Симиќ го обвини за непрофесионализам

Големиот кошаркарски талент, Рубин Стефанов, син на нашата кошаркарска икона Врбица, нема да биде дел од Европското првенство за јуниори кое ќе се игра во Турција, тој ја напушти селекцијата па не е на списокот на селекторот Тони Симиќ. 

Тони Симиќ денеска ги објави имињата на кошаркарите кои ќе играат на Европското првенство до 18 години во Турција, Дивизија „А“. Изненадувачки на списокот го нема Рубин Симиќ.
 
Селекторот во изјава за официјалната страна на кошаркарската федерација ја кажа својата верзија на проблемот, Стефанов се однесувал непрофесионално, по што родителот го повлекол од селекцијата, му рекол дека не треба веќе да игра.
 
„Што се однесува до Рубин Стефанов, по настапот во А-репрезентацијата, заедно со Теодор Симиќ, се врати на подготовките на јуниорската селекција. Пред натпреварот против Швајцарија во Скопје се пожали на болки во зглобот и одлучивме да не му правиме притисок за да не се влоши состојбата“, вели селекторот Симиќ.
 
„На турнирот во Гевгелија почна да демонстрира незадоволство поради минутажата. Јас се обидував да ги распределам минутите кај сите играчи со цел доволно да се воиграме, а во исто време да не дојде до премор кај нив. По турнирот зборувавме и Рубин ми рече дека се е во ред“.
 
„Во Хрватска одигравме двомеч, Рубин играше на првиот натпревар и не се пожали на ништо. На вториот, излезе од игра по пет минути, седна на клупата и се понесе крано непрофесионално - ги одврза патиките и посочи дека не сака да игра. Поминав и преку тоа, му реков дека мора да се однесува како професионалец, треба да ги заврзе патиките и да се подготвува да игра, дека не сме дојдени на екскурзија. Ме послуша, седна на клупата, но побара да не игра до крајот“.
 
„По враќањето од Хрватска, јас немав никаква информација дека играчот нема да продолжи. Во четвртокот попладне ми се јави спортскиот директор дека родителот му кажал дека не гледа причина и потреба Рубин да продолжи да игра за репрезентацијата. Едноставно, го напушти тимот иако јас сметав на него и требаше да има значајна улога во оваа селекција. Очекував Рубин да дојде и да ми го каже тоа мене в лице, како што јас со него разговарав во Гевгелија“.
 
„Четвртокот и петокот ни беа слободни, а во саботата тој не се појави на тренинг и оттогаш не е во тимот. Јас не барам алиби, но пред патувањето за Измир би требало да се знае каква е ситуацијата“.
 
Што се однесува до подготовките, Симиќ е задоволен како тие течеле.
 
„Имавме доволно време да се подготвиме, заедно сме повеќе од еден месец, одигравме осум пријателски натпревари од кои победивме седум. Тоа е одлично за самодовербата на кошаркарите, но главното не очекува од 30 јули до 7 август бидејќи тогаш се бројат резултатите. Федерацијата ни излезе во пресрет за се што побарав како селектор, ги имавме сите потребни услови за работа и тренинзи и од тој аспект сме максимално задоволни“.
 
„Секој од играчите имаше доволно простор да покаже колку може и со кои квалитети располага и мислам дека овие 12 кои ќе патуваат на првенството се најдобрите во моментов. Ќе учествуваме во А-дивизијата, а таму се најквалитетните репрезентации во цела Европа во оваа конкуренција. Јасно е дека не одиме како фаворити на првенството, влеговме во А-дивизијата поради административни причини, но заслужуваме да играме тука поради се што направивме во минатото“.
 
„Мислам дека оваа селекција има квалитет за да направиме добар резултат. Најважно е да обезбедиме опстанок во А-дивизијата за и идната година, следната генерација што доаѓа да може да игра против најдобрите во Европа. Ме радува тоа што атмосферата е фантастична, младите кошаркари дишат како еден, последните десетина дена постојано бевме заедно, прво во Гевгелија, потоа во Хрватска и сметам дека сме подготвени за следниот предизвик“.
 
СПИСОК НА КОШАРКАРИ ЗА НАСТАП НА ЕП 2022
 
1. Лука Димитриевски
2. Алек Петкоски
3. Петар Башоски
4. Андреј Шошкиќ
5. Петар Бошалески
6. Василиј Србиноски
7. Павел Иванов
8. Марко Трипуноски
9. Тома Стојаноски
10. Виктор Стојковски
11. Метин Саити
12. Теодор Симиќ

Доколку чувствуваме дека нашиот труд ќе биде награден со успех, ќе ѝ приоѓаме на околината со апетит, доверба и храброст.

повеќе

Од општи формулации кон конкретни разговори.

повеќе

„Вчерашниот ден измина, утрешниот допрва доаѓа, го имаме само денес - да започнеме“.

повеќе