МЗТ Скопје го запиша и вториот очекуван пораз во АБА лигата откако денеска загуби од големиот фаворит Партизан.
Во салата „Јане Сандански“ во Аеродром имаше одлична атмосфера, навивачи на МЗТ Скопје и Партизан ги бодреа своите тимови, на крајот посреќни беа гостинските фанови.
Исто како и на мечот со Црвена звезда, кошаркарите на МЗТ Скопје играа укочено во првите десет минути, многу тешко постигнуваа поени, тој период Партизан го доби со 25-9 и тоа се покажа како клучно.
Во продолжението од мечот МЗТ Скопје се покажа во едно многу поинакво светло, а беше рамноправен противник против Партизан кој сепак рутински ја одржуваше стекнатата предност за на крајот да победи со убедливи 92-74.
Мичовиќ со 18 и Кофи со 17 беа најефикасни во составот на МЗТ Скопје, двоцифрени беа и Максвел со 13 и Војдан Стојановски со 11. Кај Партизан најдобри беа Ексум и Нунали со по 17 поени.
Во следното коло МЗТ Скопје повторно има тешка задача, му гостува на Будуќност.