Македонија лошо го почна мечот, на Украина ѝ одеше шутот и погодуваше буквално од секаде, ние игравме лошо во одбраната, првата четвртина ја загубивме со 35-21.
Се надѕираше катастрофа, но не само што тоа не се случи, туку кошаркарите на Бајиќ целосно се вратија во натпреварот, малку по малку ја топевме негативата, во финишот од мечот дојдовме и на минус три, но не успеавме да го свртиме резултатот.
Судиите имаа две три несфатливи проценки кои влијаеа на резултатот, но сепак се чини дека Украинците на крајот заслужено се радуваа на победата од 73-68.
Дека првата четвртина беше клучна, стои фактот дека Украина во тие десет минути даде 35 поени, а во останатите 30 минута, постигнаа само три поени повеќе, вкупно 38.
Најдобар кошаркар во нашиот состав беше Андреј Јакимовски кој постигна 17 поени, имаше и девет скокови, Војдан Стојановски постигна 15 поени, двоцифрен беше и Бојан Крстевски со 13 поени. Најефикасен на натпреварот беше Михајук кој постигна 24 поени, двоцифрен во составот на Украина беше само уште Санон кој постигна 10.