петок, 29 март 2024

Со соработка во културата, ја зајакнуваме врската со нашинците во Мала Преспа, порача Костадиновска-Стојчевска

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска заедно со директорката на Заводот и музеј – Битола, Мери Стојанова, го посети Музејот посветен на ликот и делото на албанскиот писател со македонско потекло, Стерјо Спасе, во селото Глобочани, каде што оствари средба со градоначалникот на Општина Пустец, Пали Колефски.

Објавено на

часот

Сподели

Како што соопшти Министерството за култура, посетата е по повод продолжувањето на прекуграничната соработка со Албанија во рамките на програмата ИПА со проектот „Смарт4Ју2“, чија цел е да ги афирмира културните вредности што ги поседува регионот и да ги развие туристичките потенцијали на општините Битола, Пустец и Корча.

„Преку соработка во културата, ја зајакнуваме врската со нашинците во Преспа. Успешната реализација на заедничките проекти носи придобивки за граѓаните од двете страни на границата. Културата и културното наследство даваат идентитетско значење на луѓето од овој регион, а од економски аспект, претставуваат значаен туристички потенцијал“, рекла на средбата министерката за култура Костадиновска-Стојчевска.

На средбата со градоначалникот на Општина Пустец, Колефски, се наведува во соопштението, била потврдена заемната заложба за зачувување на македонското културно наследство бидејќи, како што кажала Костадиновска-Стојчевска, тоа значи зачувување и на македонскиот културен и национален идентитет.

„Kолефски ги најави новите планови и активности во Глобочани, а беа разменети идеи за нови проекти за унапредување на соработката преку културната размена и промоција на туристичкиот потенцијал на овој регион, со цел подобрување на економскиот развој и животниот стандард на граѓаните што живеат во Преспа. Од страна на министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска беше посочено дека Министерството за култура, преку традиционалната поддршка на манифестацијата „Македонско културно лето во Пустец и во Корча“, останува партнер во заедничките заложби за негување на македонската култура, идентитет и традиција во овој прекуграничен регион“, соопшти Министерството за култура.

Директорката на Заводот и музеј од Битола, Мери Стојанова, информирала дека продолжуваат активностите што се планирани за наредниот период, за искористување на ЕУ-можностите за развој на културата и заштитата на културното наследство, и укажа на нови можности за соработка со општините Пустец и Корча.

„Проектот „Смарт4ју2“, кој е поддржан од Програмата за прекугранична соработка на Европската Унија, има буџет во вкупен износ од милион и двесте илјади евра европски неповратни средства за развивање на културните и туристичките потенцијали на прекуграничниот регион“, се наведува во соопштението.

Во рамките на еднодневната посета, министерката за култура Костадиновска-Стојчевска ќе оствари средба со префектот на округот Корча, Нерти Јоли.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ