Димитријевиќ имаше коронавирус, сега е негативен, но поради тоа што беше позитивен беше и неизвесен неговиот настап. Од Кошаркарската федерација на Македонија велат дека тој добил препорака да не тренира со максимален интензитет и да продолжи со опоравување.
„По вчерашните детални прегледи кои Ненад Димитријевиќ ги направи во клиниката ‘Жан Митрев’ во Скопје, препораките на медицинските лица кои ги реализираа, се дека дека во овој момент, тој не е во можност максимално да тренира и да се натпреварува, и да одговори на барањата и пред сè, напорите кои со себе ги носат патувањето до Талин, тренинзите и одигрување на два натпревари во така краток временски период. Особено што, како што потенцираа докторите, Димитријевиќ се враќа по прележувањето на вирусот Covid-19, а поради кој мораше да има дополнителен лекарски, односно болнички надзор во период од две недели“- појаснува спортски директор Тодор Гечевски.
„Од тие причини, а првично, пред сè, поради здравјето на Нено, нормално и во интересот на македонската репрезентација, чиј дел треба да биде во наредните 10-15 години, ние како раководен тим во федерацијата, заеднички одлучивме дека тој не треба да патува. Туку дека под лекарски надзор, полека треба да им се враќа на оние нормални спортски, кошаркарски активности, за да дојде во ситуација повторно да биде оној што беше пред да дојде во ваква ситуација која ја предизвика коронавирусот. Да тренира и игра најдобро што знае и умее“.