Македонската кошаркарска репрезентација утринава ги почна подготовките за квалификациските мечеви против Шпанија и Украина.
„Добро е познато дека уште ги немаме загубено шансите кога говориме за шансите за следниот круг, туку од Украина. Мора да ги одиграме што е можно подобро последните два меча. Повторно сме хендикепирани, ни недостасуваат неколку играчи... Секој круг се повторува истото, по моето доаѓање, никогаш не бевме комплетни. И жалам за тоа што не можеме да ја покажеме вистинската сила. Но, тоа е што е, ќе се обидеме да извлечеме максимум од двете средби и ако ни се даде шанса ќе одиме на победа“, вели селекторот Бајиќ.
„Мора да имаме стратегија со екипата, посебно со младите играчи. Мора да се насочиме и кон нив, за во некоја блиска иднина повторно да имаме добри резултати. Не можев да ги видам сите играчи кои ги сакав од младите, некои беа со младинскиот тим и им дозволив да бидат таму. И тука имаме некои млади имиња, кои ќе добијат шанса на последните два меча“.
На првата прозивка на селекторот Драган Бајиќ се појавија сите 14. повикани кошаркари: Војдан Стојановски, Бојан Крстевски, Адем Мекиќ, Кристијан Николов, Дамјан Робев, Стојан Ѓуроски, Андреј Маслинко, Страхил Николов, Виктор Ташовски, Виктор Ефремовски, Валмир Какруки, Тео Симиќ, Андреј Јакимовски и Рубин Стефанов.
Македонија на 1. јули гостува на Шпанија, а на 4. јули ја пречекува Украина.