Околу 46 години по лансирањето, Војаџер 1 почна да испраќа чудни податоци кон Земјата. Сега од Земјата е оддалечен околу 24 милијарди километри, односно се работи за летало што „зачекорило“ во најоддалечените делови на универзумот досега.
Најновиот технички проблем на Војаџер 1 се појави во ноември 2023 година, кога системот за податоци за летот (ФДС) почна да испраќа збунувачки повторувачки код. Овој систем собира информации од научните инструменти на вселенското летало и ги комбинира со инженерските податоци што го покажуваат неговиот моментален статус. Контролата на мисијата на Земјата ги добива овие податоци во бинарен код – низа од единици и нули.
Проблемите почнаа во ноември. Сондата сè уште испраќаше стабилен радиосигнал, но податоците немаа никаква смисла. Се чини дека се оштетени околу 3 проценти од меморијата на ФДС, поради што со вклучувањето и исклучувањето на системот во ноември 2023 година проблемот не се реши. НАСА верува дека најголем дел од штетата е на еден чип во меморискиот систем.
Во март, инженерите на ФДС му ја испратија таканаречената команда „поук“ (poke), која менува одредени мемориски адреси. Откако го добиле одговорот, експертите забележале дека еден дел од системот покажува чудни отчитувања. Се чинело дека се во погрешен формат, а еден инженер од тимот успеал да ги декодира.
Збунувачкиот сигнал содржел отчитување на целиот мемориски систем на ФДС. Тимот на Војаџер го споредил со оној што го добиле пред да се појави проблемот и успеале да го лоцираат изворот на неуспехот, според НАСА.
Бидејќи чипот никако не можел да се поправи, експертите решиле да го заобиколат проблемот, односно на друго место да го складираат кодот од чипот. Бидејќи не можеле да најдат доволно голема локација за целиот код, тие го поделиле на сегменти и го складирале на различни локации во системот за податоци за летот.
На 20 април, тимот на НАСА ги доби првите значајни податоци за статусот на системите Војаџер 1, што укажува дека леталото сега функционира правилно. „Денес беше одличен ден за Војаџер 1. Повторно комуницираме со вселенското летало“, изјави во саботата Линда Спилкер од НАСА, според Си-ен-ен.
Војаџер 1 и Војаџер 2 првично беа дизајнирани да траат пет години, но нивниот животен век е многу подолг. Тие сега патуваат низ неистражениот вселенски простор долж надворешните делови на Сончевиот систем. Се напојуваат со три радиоизотопски термоелектрични генератори, односно уреди што ја претвораат топлината од радиоактивното распаѓање на плутониумот во електрична енергија.
НАСА вели дека Војаџер 1 има доволно гориво за најмалку уште една година да ги одржува своите инструменти во функција. Двете сонди се во меѓуѕвездениот простор и се единственото летало што некогаш функционирало надвор од хелиосферата. Војаџер 2 функционира добро, а сега е од нас оддалечен повеќе од 20,3 милијарди километри.