Македонија со три порази од три меча го заврши настапот на Европското првенство. За Миркуловски ова беше последно големо натпреварување.
Тој ќе игра на баражите за пласман на СП кои се играат во март и април, но тоа ќе му бидат последни настапи за репрезентацијата. Ќе стави крај на кариерата, а потоа ќе се посвети на тренерската работа.
„Ако здравјето ме послужи дефинитивно за баражите ќе бидам присутен, но дефинитивно ова е моја последна сезона како клупска, така и репрезентативна, потоа ќе се посветам на тренерската работа. Останувам во Вецлар како помошник“, вели Миркуловски.
„Сите ние имавме големи очекувања сѐ додека не се случија тие повреди и ковид-проблемите. Сѐ почна со повредата на Дејан Манасков, па Никола Митревски, за на крај и Кире Лазаров ден пред стартот на ЕП да се повреди, па проблемите со ковид-19 со Никола Митревски, Столе Стоилов... Ќе беше поинаку да бевме сите на број, но ете не бевме кадарни сега да освоиме бодови, а и ја видовме Црна Гора колку е силна, после денешната победа со Словенија за пласман во втората ваза. Вечерва сакавме да покажеме убава игра, за наша душа, ама ете загубивме со 10 разлика. Сепак Данска е врвна екипа, иако одмараше и дел од играчите. Тие се број еден фаворити на ова ЕП и ние загубивме од најдобриот тим“.