Наполи синоќа си замина со победа и три бода од гостувањето на Сан Сиро, херој на „наполитанците“ беше нашиот Елиф Елмас, кој по само пет минути игра, со глава ја затресе мрежата и го постигна единствениот погодок на мечот.
Милан во финишот дојде до 1-1 со голот на Кеси во 90. минута, но со помош на ВАР, погодокот беше поништен, судијата одлучи дека Жиру е во офсајд, па иако не играл со топката, му пречел на Жесус и со тоа ја активирал недозволената ситуација.
На „росонерите“ не им се допаѓа како судијата реши да ги примени правилата, но ова не е единствениот спорен момент според нив, сметаат и дека голот на Елиф Елмас е нерегуларен.
Пред да биде досуден корнерот по кој Македонецот погоди, Наполи доби аут кој всушност требаше да му припадне на Милан.
„Голот на Наполи дојде од конер на кој му претходеше аут кој наместо на Милан, му беше доделен на Наполи. Лозано е тој што ја допре топката пред Бало Туре, не знам од која причина помошникот не го забележа ова. Се работи за несреќна грешка, доколку не паднеше гол од корнерот, никој немаше да зборува за ова“ – вели поранешниот судија Грацијано Чезари.