На сите им е добро познато дека Златан Ибрахимовиќ и Пеп Гвардиола не се мирисаат, напаѓачот го смета тренерот за главен виновник за разочарувачката авантура во Барселона.
Швеѓанецот во неколку наврати има испратено отровни стрели, а сега излезе со нови провокации.
„Многу ми се допаѓа Ерлинг Халанд, се работи за навистина интелигентен фудбалер. Не прави работи кои не му се потребни, не се враќа назад по топката, чека напред пред голот и постигнува погодоци. Ме потсеќа на играчи како Инзаги, Трезеге или Виери. Би рекол дека е една „нова верзија“ на сите тројца“ – објаснува Златан Ибрахимовиќ.
Запрашан дали Ерлинг Халанд ќе продолжи да бележи напредок под водствто на Пеп Гвардиола, напаѓачот вели: „Се зависи од егото на Пеп Гвардиола и дали тој ќе дозволи Халанд да стане поголем од него. Мене не ми дозволи“.
Сепак, тренерот на Манчестер Сити не остана покус и влезе во војна со Швеѓанецот.
„Во право е, целосно е во право. Во овој клуб, во овој тим, моето его е над сите други, над сите играчи“ – го почна својот одговор Пеп Гвардиола.
„Не ми се допаѓа кога Ерлинг постигнува по три погодока и сите заслуги одат на негова адреса. Многу сум му љубоморен! Навистина, многу сум љубоморен!“
„Му реков, „Ерлинг те молам немој да постигнуваш толку многу голови, во тој случај новинарите нема да зборуваат за мене, и само за мене“. Ибра е во право, ме знае перфектно. Можеби треба да напише уште една книга“.