Возбудлив натпревар на „Нуево Лос Карменес“ со осум погодока. Гранада беше на чекор до изненадување и елиминација на Барса, домаќините имаат 2-0 до самиот финиш, но Барселона се извлече од бездната и на продолженија стигна до победа од 3-5.
Умтити погреши пред сопствениот шеснаесетник, Соро веднаш го проигра Кенеди кој ја затресе мрежата на Барса за 1-0 во 33. минута.
На стартот од вториот дел следуваше нов шок. Гризман изгуби топка, Монторо веднаш го уфрли Солдадо во контра, напаѓачот се најде очи во очи со Тер Штеген и погоди за 2-0.
Сепак, Барса не се предаде и во финишот од мечот стигна до реми. Во 88. минута од мечот, Меси испрати топка за Гризман, кој речеси од мртов агол со помош на голманот ја затресе мрежата на Гранада за 2-1.
Во 92. минута, Меси испрати нова прецизна топка, но овој пат Гризман спушти за Алба, кој со глава донесе 2-2 и продолженија.
По десетина минута игра во првото продолжени, Алба се оддолжи за асистенцијата, нафрли една топка а Гризман со глава реализираше за 2-3. Домаќините веднаш одговорија, Феде од пенал изедначи на 3-3 во 103. минута.
Но Барса додаде гас во второто продолжение, најпрво Де Јонг донесе водство од 3-4, за Алба со прекрасен волеј да ги реши сите дилеми.