Рајо оваа сезона одигра реми на Камп Ноу против Барселона, одигра реми и на Ванда Метрополитано против Атлетико Мадрид, ја победи Севиља на нејзин терен, а сега славеше домашна победа против Реал Мадрид.
Димитриевски беше одличен на голот иако прими два гола, неговите соиграчи дадоа три и дојдоа до победата, сосема заслужено.
Рајо Ваљекано погоди уште во петтата минута преку Комесана, домаќините рано поведоа со 1-0.
Во 37. минута Модриќ од пенал израмни на 1-1, а четири минути подоцна Милитао даде гол за комплетен пресврт и водство на Реал Мадрид од 2-1. Во тие моменти се чинеше дека работите доаѓаат на свое место.
Но, Рајо не се предаде. Во 44. минута Гарсија упати вистинска бомба за израмнување на 2-2.
Победничкиот гол го постигна Трехо од поновен пенал во 67. минута. Првиот удар го одбрани Куртоа, но не газеше на линијата, па пеналот се пренови.
До крајот на мечот Реал Мадрид јалово се обидуваше да избегне пораз. Се чини дека ова беше најлошата партија на тимот на Анчелоти оваа сезона.
Со овој пораз Реал Мадрид падна на второто место во Ла Лига со два бода зад Барселона.