Само ден по освојувањето на Суперкупот, МЗТ Скопје организираше прес-конференција на која говореа директорот Филип Ѓоревски, тренерот Александар Петровиќ и капитенот Дамјан Стојановски.
„Целите на МЗТ Скопје Аеродром како и секоја сезона се атак на сите трофеји во домашниот шампионат и што е можно подобро претставување на македонската кошарка на интернационално ниво. Не сакаме да си создаваме дополнителен притисок околу резултатите и затоа ќе одиме меч по меч. Се обидовме да собереме се што е најдобро од мак кошарката во моментов како и со странски засилувања дополнително да го засилиме тимот“ , изјави Ѓоревски.
Тренерот Александар Петровиќ проговори и за саботниот меч против Црвена звезда во Белград, кој е прв од новата сезона во АБА лигата.
„Пред нас е интересна, но пред се тешка сезона. МЗТ сезонава ќе напаѓа на сите домашни титули, а наша примарна цел е да се опстане во АБА, која е меѓу трите најдобри лиги во Европа. Веќе в сабота нè очекува дуел со Црвена Звезда, евролигашка екипа со буџет кој е десет пати поголем од нашиот. Но, нема да одиме со бело знаме, ќе дадеме сè од себе колку што можеме. Имаме и повредени играчи, но и покрај тоа одиме да се надигруваме и да уживаме. Во првите пет кола имаме четири средби со главните претенденти за освојување на АБА лигата. Очекувам добра сезона, да нè служи здравјето, задоволен сум од работата на играчите на тренинзите и натпреварите“, изјави Петровиќ.
Дамјан Стојановски рече дека кошаркарите ќе одат на победа на секој натпревар.
„За два дена за нас стартува АБА-лигата, која е меѓу трите најквалитетни во Европа. Пред нас е напорна и тешка сезона, но ќе одиме на победа на секој натпревар. Во АБА секој дуел за нас ќе биде финале, а секоја победа – злато вредна. Се надевам на што е можно повеќе победи и добра презентација на македонската кошарка “, изјави Стојановски.
Легенда под Главна слика
Фото: МЗТ Скопје