Кирјос од почетокот на аферата смета дека Ѓоковиќ има третман што не го заслужува, а денеска им замери на колегите за тоа како се однесуваат во оваа ситуација, пред сѐ на Стефанос Циципас и Рафаел Надал.
Шпанецот неделава навести дека смета дека Ѓоковиќ треба да биде депортиран, а Кирјос денеска му одговори: „На човечко ниво, нему му треба поддршка од другите играчи“.
„Страшно ме погодува кога гледам како реагираат Циципас и Надал... Очигледно секој има свое мислење и тоа е во ред. Но Новак е човечко суштество. Замислете како се чувствува, сѐ што бара е малку поддршка од другите играчи. Мислам дека сите требаше да му ја дадат. Сигурен сум дека ако Надал беше во слична ситуација, и тој ќе гледаше кон колегите да застанат до него и да му помогнат“, рече Кирјос, кој во свој стил додаде:
„Циципас, го разбираме твоето гледиште за е**ната вакцинација, Мареј, секогаш можеме да сметаме дека ќе ја кажеш вистинската работа, а Надал, брате... каде е твојата поддршка за овој човек?“.
Австралиецот рече и дека Ѓоковиќ му се заблагодарил за поддршката.
„Му посакувам да го освои турнирот, тоа би било одлично. Сакам да шетам низ Мелбурн со маска на Новак на лицето“, изјави Кирјос.
Претходно и капитенот на американскиот Дејвис куп, Марди Фиш, застана во одбрана на Ѓоковиќ на Твитер.
Фиш ја обвини австралиската влада дека го користи Ѓоковиќ како „политички пион“.
„Она што се случува со Ѓоковиќ во моментов е смешно. Го користат како политички пион. Поштедете ме од коментари вакциниран и невакциниран. Дечкото е човечко суштество“, напиша Фиш на Твитер, на што Кирјос кратко му одговори: „Факти“.
Расплетот на оваа досега невидена афера во светот на спортот почнува вечерва во 23.15 часот, кога Ѓоковиќ ќе сведочи пред Федералниот суд во Мелбурн.