Шефот на МИ6: Погрешна проценка на Пекинг би можела да доведе до војна
Шефот на МИ6 Ричард Мур кажа дека Кина е една од најголемите закани за Британија и нејзините сојузници и дека „погрешна проценка“ на Пекинг би можела да доведе до војна.
Мур кажа дека Кина, Русија, Иран и меѓународниот тероризам ја сочинуваат „големата четворка“ на безбедносни закани со кои британските шпиони се соочуваат во нестабилниот свет.
Во првото обраќање до јавноста откако во октомври 2020 стана шеф на МИ6, Мур кажа дека Кина е „најголемиот поединечен приоритет“ на таа разузнавачка агенција, бидејќи нејзиното раководство во сè поголема мера поддржува „храбра и одлучна акција“ за остварување на сопствените интереси.
Мур ја нарече Кина „авторитарна држава со поинакви вредности“ од британските, наведувајќи дека Пекинг спроведува „шпионски операции од големи размери“ против Британија и нејзините сојузници, дека се обидува да го „искриви јавниот дискурс и политичкото носење на одлуки“ и да извезува технологија која овозможува „мрежа на авторитарна контрола“ низ светот.
Додаде и дека Британија и понатаму „се соочува со акутна закана од Русија“, дека Москва ги финансирала обидите за убиства како труењето на поранешниот двоен шпион Сергеј Скрипаљ во Англија во 2018 година, дека стои зад сè поголем број хакерски напади и дека се обидува да се меша во демократските процеси на други земји.
„Ние и нашите сојузници и партнери мораме да се спротивставиме на руските активности кои се во спротивност со меѓународниот систем заснован на правила“, наведе шефот на МИ6.
Мур кажа дека Иран исто така претставува голема закана бидејќи ја користи екстремистичката група Хезболах за да поттикнува политички немири во соседните земји.