МКД.мк

Северна Кореја испука сомнителна ракета во морето

Северна Кореја во средата испука неидентификувана ракета во своите источни води, објавија јужнокорејската и јапонската војска.

Последното лансирање дојде откако севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун на конференцијата на владејачката партија минатата недела вети дека дополнително ќе ја зајакне воената способност.

Генералштабот на Јужна Кореја соопшти дека Северна Кореја во средата наутро истрелала проектил кон своите источни води, без да даде повеќе детали.

Јапонското Министерство за одбрана не даде детали во соопштението. Беше кажано само дека Северна Кореја испукала нешто што веројатно е ракета.

Северна Кореја во септември и ноември минатата година тестираше серија новоразвиено оружје, вклучително и ракети со нуклеарни способности.

Некои експерти велат дека Северна Кореја врши притисок врз своите ривали да ја прифатат како нуклеарна држава и да ги олеснат меѓународните санкции кон таа земја.

Администрацијата на Бајден постојано вели дека е отворена за продолжување на нуклеарната дипломатија со Северна Кореја „секаде и во секое време“ без предуслови.

Северот досега ги отфрлаше таквите обиди, велејќи дека непријателството на САД останува непроменето.


Извор: https://www.mkd.mk/svet/vesti/severna-koreja-ispuka-somnitelna-raketa-vo-moreto