четврток, 25 април 2024

„Европа може да умре“, предупреди Макрон и повика на посилна одбрана

Макрон денеска на универзитетот Сорбона се заложи за посилна европска одбрана, предупреди против доминацијата на САД, го истакна отпорот кон Русија, зајакнувањето на сајбербезбедноста и справувањето со економските проблеми.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Претседателот Емануел Макрон денеска апелираше за посилна, поинтегрирана европска одбрана и рече дека континентот не смее да им стане вазал на Соединетите Држави, истакнувајќи ја својата визија за понаметлива Европска Унија на глобалната сцена.

На уште само три години од неговиот втор и последен мандат на функцијата и откако во 2022 година го загуби парламентарното мнозинство, 46-годишниот Макрон сака да им покаже на своите критичари дека сѐ уште ги има енергијата и свежото размислување што му помогнаа да дојде на претседателската функција во 2017 година и дека не станал лидер во заминување, вели Ројтерс.

„Постои ризик дека нашата Европа може да умре. Ние не сме опремени да се соочиме со ризиците“, рече Макрон во својот говор на универзитетот Сорбона во Париз, предупредувајќи дека воените, економските, трговските и другите притисоци можат да ја ослабат и расцепкаат 27-члената ЕУ.

Макрон рече дека не смее да ѝ се дозволи на Русија да победи во Украина и повика на зајакнување на европскиот сајбер-безбедносен капацитет, поблиски одбранбени врски со Британија по брегзитот и создавање европска академија за обука на висок воен персонал.

„Нема одбрана без одбранбена индустрија… ние со децении не инвестираме доволно“, рече тој, додавајќи дека Европејците треба да му дадат предност на купувањето европска воена опрема.

„Мораме да произведуваме повеќе, мора да произведуваме побрзо и мора да произведуваме како Европејци“, рече тој.

Макрон рече дека Европа ризикува да заостане економски, во контекст кога глобалните правила за слободна трговија се оспорувани од големите конкуренти, и повика на намалување на бирократијата за малите и средни бизниси.

Францускиот лидер се надева дека неговиот говор ќе го има истото влијание како сличното обраќање во Сорбона што го одржа пред седум години, а кое предочи на некои значајни промени во политиката на ЕУ.

Оттогаш, многу работи се променија, вели Ројтерс, со големи геополитички предизвици, вклучувајќи ја војната во Газа, руската инвазија на Украина и растечките тензии Кина-САД.

Денешниот говор од советниците на Макрон беше најавен како придонес на Франција во стратегиската агенда на ЕУ за следните пет години. Агендата треба да биде решена по европските избори, кога лидерите на ЕУ ќе се пазарат за главните функции во блокот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ