МКД.мк

Папата: Подготвен сум да одам во Москва и да разговарам со патријархот Кирил

Папата Франциско денеска изјави дека е подготвен да замине во Москва на следна средба со патријархот Кирил, што ќе биде прв пат еден папа да патува во руската престолнина.

Средбата на Франциско и Кирил во Куба во 2016 година беше прва средба меѓу Папата и поглаварот на Руската православна црква по црковниот раскол од 1054 година.

Двете страни рекоа дека се подготвени да работат на обединување, но не се согласуваат во поглед на теологијата и идната улога на Папата во повторно обединетата црква.

„Подготвен сум да одам во Москва и да разговарам со братот“, им рече Франциско на новинарите во авионот при враќањето од посетата на Кипар и Грција.

Тој додаде дека високи претставници на Руската православна црква треба да дојдат во Рим оваа недела за да се договорат за местото и времето на средбата.

Вообичаено е папата да посетува држави на покана на верски и државни власти, што значи дека Франциско треба да биде поканет во Русија и од претседателот Владимир Путин.


Извор: https://www.mkd.mk/svet/vesti/papata-podgotven-sum-da-odam-vo-moskva-i-da-razgovaram-so-patrijarhot-kiril