НАТО во база кај Мадрид собира податоци за падот на дронот во Загреб
Шпанската воена база во местото Торехон де Ардоз, оддалечена 20 километри североисточно од Мадрид, ја користи НАТО за контролирање на небото на своите јужни членки вклучувајќи ја Хрватска. Тамошниот Центар за здружени воздушни операции од 2014 година има задача „визуелно да ги идентификува непознатите летала“, но во четвртокот вечерта ниту јавил ниту реагирал на влегувањето на беспилотното летало во хрватскиот воздушен простор.
„Не би го коментирал тоа“, кажа извор од воената база во Торехон. „Во моментов сите собираат податоци за да може сè да се анализира“.
Станува збор за беспилотно летало од советско производство ТУ-141 кое од Украина преку воздушните простори на Романија и Унгарија стигнало до главниот град на Хрватска каде што се урна.
Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ вчера кажа дека заедничката команда на НАТО во Шпанија би требала да ги има сите податоци во најкраток можен рок и да реагира. „А не се случи ништо“, истакна тој.
Од НАТО базата во Торехон, каде што се вработени околу 190 луѓе од 17 земји, вклучувајќи ја и Хрватска, до синоќа никој не се огласил за инцидентот.