МКД.мк

Фаучи: Првите извештаи покажуваат дека омикрон е помалку опасен од делта сојот

Докторот Ентони Фаучи, инфектолог и главен советник на американскиот претседател за пандемијата, изјави дека првите индикации покажуваат дека омикрон сојот е помалку опасен од делта сојот, иако брзо се шири во државата.

Тој за Си-ен-ен [1] изјави дека на научниците им требаат повеќе информации пред да донесат заклучок за сериозноста на сојот омикрон.

Извештаите од Јужна Африка, каде што вирусот се појави и станува доминантен вид, покажуваат дека стапката на хоспитализација не е алармантно зголемена.

„Засега, се чини дека нема висок степен на сериозност, но навистина треба да бидеме внимателни пред да донесеме заклучоци дека омикрон е помалку сериозен и дека не предизвикува тешка клиничка слика, во споредба со делта сојот“, рече Фаучи.

Тој изјави дека администрацијата на Бајден размислува за укинување на ограничувањата за патување на патниците од неколку африкански земји кои не се американски државјани.

„Да се надеваме дека ќе успееме да ја укинеме забраната во разумен рок“, рече Фаучи.


Извор: https://www.mkd.mk/svet/vesti/fauchi-prvite-izveshtai-pokazhuvaat-deka-omikron-e-pomalku-opasen-od-delta-sojot

Links
[1] https://edition.cnn.com/videos/politics/2021/12/05/fauci-full-12-5.cnn