МКД.мк

Фајзер и Бионтек велат дека нивната вакцина е ефикасна повеќе од 90%

Американската компанија Фајзер денеска соопшти дека нејзината експериментална вакцина е повеќе од 90% ефикасна во спречувањето на ковид-19 врз основа на првичните податоци од голема студија, што е голема победа во борбата против пандемијата во која починаа над 1 милион луѓе, ја разори светската економија и го уништи секојдневен живот, пренесе Ројтерс [1].

Фајзер и германскиот партнер Бионтек се првите производители на лекови што покажаа успешни податоци од големо клиничко испитување на вакцината против коронавирусот. Компаниите соопштија дека досега не нашле сериозни проблеми со безбедноста и очекуваат подоцна овој месец да побараат одобрение за употреба во итни случаи на САД.

Доколку биде одобрена, бројот на дозите на вакцината првично ќе биде ограничен. Остануваат многу прашања, вклучително и колку долго вакцината ќе обезбедува заштита. Сепак, веста дава надеж дека и други вакцини во развој против новиот коронавирус може да се покажат ефикасни.

„Денес е одличен ден за науката и човештвото“, рече во изјавата Алберт Бурла, претседател и извршен директор на Фајзер. „Ние ја достигнуваме оваа критична пресвртница во нашата програма за развој на вакцини во време кога на светот тоа му е најпотребно со стапки на инфекции што поставуваат нови рекорди, болници што се наоѓаат пред преоптоварување и економии што се борат повторно да заживеат“.


Извор: https://www.mkd.mk/svet/vesti/fajzer-i-biontek-velat-deka-nivnata-vakcina-e-efikasna-povekje-od-90

Links
[1] https://www.reuters.com/article/us-health-coronavirus-vaccines-pfizer/pfizer-biontech-say-their-covid-19-vaccine-is-more-than-90-effective-idUSKBN27P1CT