МКД.мк

Џонсон: Светот е обединет околу руската нафта и гас, се стега јамката околу режимот на Путин

Британскиот премиер Борис Џонсон рече дека земјите ширум светот се обединуваат околу потребата да се преземат конкретни чекори за намалување на зависноста од руската нафта и гас, иако, како што рече, тоа е исклучително тешко за некои земји од Централна Европа.

Постои согласност за потребата да се намали зависноста од руската нафта и гас „иако ова е исклучително тешко за некои европски земји. Ова што го правиме е прв чекор“, рече Џонсон по состанокот со лидерите на Чешка, Полска, Унгарија и Словачка.

„Тоа е голем чекор што светот го прави. Нивото на гадење и гнев поради она што се случува во Украина расте ширум светот, а јамката се стега околу режимот на (рускиот претседател Владимир) Путин“.

САД во вторникот објавија дека воведуваат ембарго за увоз на руската нафта и гас, додека Велика Британија соопшти дека постепено ќе го укине увозот на руски енергенси до крајот на 2022 година, со што дополнително ќе се зголеми притисокот врз Москва во знак на одмазда за инвазијата на Украина.

Велика Британија постепено ќе го укинува увозот на нафта и нафтени деривати од Русија до крајот на 2022 година, изјави во вторникот британскиот министер за претприемништво Кваси Квартенг, повикувајќи ги компаниите да го искористат овој преоден период за да обезбедат непречена транзиција.

Квартенг исто така рече дека се разгледуваат опции за ставање крај на британскиот увоз на руски гас, кој моментално покрива 4 отсто од британските потреби за гас.


Извор: https://www.mkd.mk/svet/vesti/dzhonson-svetot-e-obedinet-okolu-ruskata-nafta-i-gas-se-stega-jamkata-okolu-rezhimot-na