МКД.мк

Борел: Гласање за референдумот за промени на уставот на Србија ќе се овозможи и на Косово

Високиот претставник на Европската Унија Жосеп Борел соопшти денес дека гласањето на референдумот за промени на уставот на Србија во недела би требало да биде овозможено и на Косово.

Борел на Твитер објави дека вчера разговарал со косовскиот премиер Аљбин Курти за собирањето гласови на референдумот за промена на уставот на Србија на Косово.

Собирањето на гласовите во минатото се одвиваше со помош на ОБСЕ. На луѓето треба да им се овозможи да го остварат своето право на глас, наведе Борел.

Косовскиот премиер Аљбин Курти соопшти синоќа дека на Борел му го пренел ставот дека на Косово не може да се гласа на референдумот кој го организира Србија.

„Во телефонскиот разговор со високиот претставник на ЕУ Жосеп Борел му го пренесов нашиот став: Србите на Косово кои имаат двојно државјанство можат да гласаат на референдумот во Србија преку пошта или во Канцеларијата за врска во Приштина“, напиша Курти на Твитер.

Курти смета дека референдум на суверена територија на друга држава, не е прифатена пракса во ниту една демократска земја.


Извор: https://www.mkd.mk/svet/vesti/borel-glasanje-za-referendumot-za-promeni-na-ustavot-na-srbija-kje-se-ovozmozhi-i-na