Милошски смета дека Владата се плаши да ги искористи законските основи за меѓународна кривична соработка со САД и да отвори истраги против како што вели тој, „Рамиз Мерко, Катица Јанева и другите владини пријатели кои се дел од ‘црната листа’ на официјален Вашингтон“.
Повикувајќи се на Законот за меѓународна соработка во кривичната материја, Милошоски вели дека постои можност Министерството за правда или Јавното обвинителство да испрати замолница ЗАМОЛНИЦА за соработка во кривичната материја до надлежна институција на странска држава.
„Со замолницата, која се доставува преку министерството за правда, од странската надлежна институција се бара достава на списи, информации и материјални докази за одредена предистрага, истрага или тековен судски предмет за физичко и/или правно лице. Овој закон овозможува и формирање на заеднички истражни тимови за истражување и гонење на кривични дела, а договорот за заеднички истражен тим го склучува Државниот обвинител на Македонија. Во Законот дури е предвидено и секое истражно дејствие што го презел надлежен орган на странската држава да биде изедначено со соодветно дејствие во кривичната постапка пред домашните институции. Државниот јавен обвинител може веднаш да оформи заеднички македонско-американски истражен тим и да поведе самостојна или заедничка истражна постапка и да оформи или да процесуира кривично-правни предмети пред надлежните институции во Македонија“, пишува Милошоски.
Според него Законот за меѓународна соработка во кривичната материја е добро да се надгради и синхронизира со дополнителен закон за рестриктивни мерки за кој е потребна јавна расправа.
„Сметам дека Собранието треба да биде организатор и домаќин на една таква јавна расправа на која главниот збор ќе го имаат претставниците на судската фела, претставници на обвинителството, адвокати и професори по кривично право. На ваквата јавна расправа многу ќе користи и присуството на експерти за рестрикции и санкции од САД и ЕУ, за да имаме одржливо унапредување на позитивните норми во оваа регулирана област за меѓународна соработка во кривичната материја“, заклучува пратеникот Антонијо Милошоски во својата објава на фејсбук.