Цените на струјата и гасот ги затвори базените во Скопје и Куманово
Поради дефект на системот за греење од денеска не работи базенот во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје.
„Причината за затворањето е од технички карактер, односно сериозен дефект на системот за греење. Делот е нарачан од Турција и треба да стигне за две недели, по што веднаш ќе го отвориме базенот за посетители“, изјави директорот на спортскиот центар Александар Петровски.
Во скопскиот базен тренираат околу 400 пливачи и репрезентативци од 33 клуба. Прекинот се случува непосредно пред одржувањето на Националното првенство во пливање, подготовките за Светското првенство во Јапонија и ред други меѓународни натпревари.
Минатата недела ЈП Чистота и зеленило од Куманово кое менаџира со СРЦ Базени, информираше дека градскиот базен се затвора сѐ до решавање на енергетската криза во земјата. На овој базен тренираат пет пливачки и еден ватерполо клуб со над 300 пливачи.
Од олимпискиот базен „Центар“ велат дека работат со нормално работно време и распоред со 25 метарскиот базен.
„Ние, како и до сега, како одговорна институција во спортот во државата излегуваме во пресрет на сите клубови и пливачи коишто не можат да ги одржуваат тренинзите во базенот во Карпош и базенот во Куманово коишто во моментов не работат и заеднички ќе изнајдеме решение истите да ги вршат своите тренинзи на Олимпискиот базен Центар“, велат од олимпискиот базен.
Како и сите аспекти на живеењето, властите одамна го пуштија спортот низ вода, спортистите-пливачи останаа и без тие неколку базени кои ги имаат во државата, а последиците од неодговорното и криминално работење кое доведе до енергетската криза се одразуваат и врз спортот, реагираше Левица.
„Пливачите се оставени без основните услови за тренинг и натпревари. Покрај тоа што триесет години државата не се заложи да изнајде решение за малубројните базени во државата и со тоа да го реши проблемот кој со години го имаат пливачите, пливачките клубови и спортските работници, сега доаѓаме до степен каде поради енергетската криза, се затвораат и базените. Наместо приоритет во Македонија да биде младите луѓе кои ќе тренираат и ќе прераснат во големи и успешни спортисти и способни луѓе, ние сме соочени со пропаст на спортот во Македонија.
Базените се дадени на концесионери кои ги стопанисуваат и истите со базените работат своеволно. Цените се покачуваат без основ, термините за користење на базените се намалуваат, а сето тоа е на штета на пливачите и пливачките клубови. Конечно, ваквата состојба кулминира со клуч на базените и на штета на пливачите, клубовите, како и сите рекреативци, вклучително и оние на кои пливањето им е препорачано од медицински причини.
Наместо поттик за поголеми успеси на нашите пливачи и подобра подготовка за нови светски и олимписки резултати, истите се соочуваат со препреки и потешкотии. Зошто одговорните власти не покажуваат интерес и не се помогне на спортските објекти? Зошто објекти кои треба да се од национален интерес се даваат под концесија? Кои се должностите на концесионерите и зошто навреме и тековно не се решаваат ваквите проблем? Во својата програма предвидуваме јавните спортски објекти да не се даваат под концесии и државата да стопанисува со истите, водени од елоквентен и стручен кадар“, соопшти Левица.