Започна средбата Заев - Гаши
Ниту лидерот на Алтернатива Гаши, ниту премиерот Заев досега не дадоа конкретна најава за што точно ќе се разговара, односно каква ќе биде понудата на премиерот кон оваа, засега опозициска партија.
Гаши и при самото пристигнување на новинарските прашања само рече дека ќе даде изјава по средбата.
Во јавноста од синоќа актуелни се шпекулациите дека тој што на оваа средба ќе го придружува Заев од редот на СДСМ, дека тој ќе биде новиот мандатар. Ова денеска го демантира самиот премиер во изјава за Фокус, велејќи дека мандатар може да биде само претседател на СДСМ.
Со евентуален влез во Владата, владејачкото мнозинство ќе се зголеми на 64 пратеници, заедно со пратеникот Кастриот Реџепи кого Беса го исклучи откако не се појави на седницата за недоверба на Владата. Со такво мнозинство власта ќе може да оди на избор и на нова Влада со нов мандатар, доколку Заев поднесе оставка како и што најави по локалните избори.
Инаку, Алтернатива веќе еднаш беше дел од Владата составена од СДСМ, но од последните парламентарни избори дејствува како опозиција во коалиција со Алијанса за Албанците, со која настапи и на локалните избори.
Алтернатива се придружи на иницијативата за уривање на Владата која пропадна со отсуството на пратеникот од Беса Реџепи. Но, Гаши ниту во еден моменто пред или по седницата на Собранието не изјави дека Алтернатива ќе биде дел од нова Влада на ВМРО-ДПМНЕ, туку нагласуваше дека за такви прашања ќе се разговара и дека ќе се имаат предвид евроатланските интереси на државата.