МКД.мк

Во болниците низ Македонија се лекуваат 814 пациенти со ковид-19

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ Македонија, со исклучок на Скопје, пријавено е дека се лекуваат вкупно 814 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот, од кои најмногу има во Куманово-118, информира Министерството за здравство.

Според податоците од Министерството, кои пристигнуваат на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 70 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19, а во болницата во Штип се хоспитализирани 56 пациенти. На  инфективното одделение во Тетово има 46 пациенти, а во Велес се лекуваат 65 болни. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 111 пациенти, во Прилеп 104, во ковид центарот во Гостивар 49, а во Струга 32 болни.

Во болницата во Струмица има 72 пациенти, во Кочани 20, во Кичево 18, во Кавадарци 44, а во Гевгелија 9 лица позитивни на коронавирусот.

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1.290 и има колку 130 празни болнички кревети во ковид центрите. Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла.

Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород.

 

 


Извор: https://www.mkd.mk/makedonija/obrazovanie-i-zdravstvo/vo-bolnicite-niz-makedonija-se-lekuvaat-814-pacienti-so-kovid-19