Никаде без маска, казната за неносење маска е 20 евра
Со измените во Законот за заштита на населението од заразни болести, маските мора да се носат за движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип, на пазари, во јавен превоз. Маска мора да се носи при влез во затворени простори како државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, чекални, здравствени установи и слично. Мерката нема да важи при спортување на отворен простор или на затворено со почитување на специфичните протоколи за заштита, при возење во приватно патничко моторно возило ако возачот е сам или со лица со кои заедно живее. Мерките за носење на маска не важат за лица помлади од шестгодишна возраст и за лица со посебни потреби и пречки во развој.
И функционерите кога се појавуваа на прес конференции или се обраќаат во некоја институција ќе мора да носат маски.
Забрането е групирање на јавен простор, паркови, јавни површини или било која површина на отворено, а казната е 500 евра.
Министерството за здравство апелира до сите граѓани да се почитуваат мерките за заштита од ковид-19. Носењето на заштита маска, одржувањето на физичка дистанца и миењето на раце се единствените мерки кои можат да го спречат ширењето на вирусот. Да бидеме одговорни и совесни, да го зачуваме нашето здравје, но и здравјето на нашите најблиски.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 29.558, бројката на оздравени пациенти е 19.994, на починати е 977, а бројот на активни случаи изнесува 8.587.