Амди Бајрам бил позитивен на ковид-19, се проверува неговото семејство
Итно ќе биде спроведена епидемиолошка анкета со најблиското семејство на починатиот со цел точна и детална идентификација на контактите во изминатите денови. Со анкетата, ќе биде направена евалуација на степенот на ризик и ќе биде дадена препорака за тестирање, односно самоизолација за неговите контакти. Согласно анкетата, Државниот санитарен и здравствен инспекторат веднаш ќе издаде решенија за изолација за лицата за кои таа ќе биде одредена.
Министерството за здравство изразува сочувство до семејството и апелира, во интерес на заштита на нивното здравје, во целост да соработуваат со надлежните служби. Дополнително, да се избегнат сите погребни ритуали, а погребот да се спроведе согласно протоколите, како превенција од понатамошно ширење на инфекцијата од ковид-19.
Амди Бајрам бил донесен во приватна болница во веќе егзитирана состојба. На починатиот му бил земен брис, а резултатот потврдил присуство на вирусот ковид-19, се вели во соопштението на Министерството за здравство.