ПОЕЗИЈА

љубавина – Ѓоко Здравески

Поетот Ѓоко Здравески од јуни 2014 година, заедно со Ана Голејшка, ги организира книжевните вечери „Астални проекции“, кои се случуваат секој прв вторник во месецот во кафéто „Менада“. Пишува поезија, кратка проза и есеи. Има објавено три книги поезија: „Палиндром со две н“ (2010), „куќичка за птици-преселници“ (2013) и „љубавина“ (2016). Насловите на двете последни збирки ги пишува со мала буква, но чувствата внатре се големи. Тука правиме избор на песни од „љубавина“.

бланко-љубовна

те љубам, __________________________________,
отаде часовниците. отаде шестарите и
аршините на шнајдерите. отаде распетието и распатието.
те љубам. отаде сите човечки сетила
те љубам. како далечно сеќавање што се јавува
само во соништата ми доаѓаш. кое дење се претвора во
шарена детска топка, во коцка што ја фрлаат
комарџиите пред чаршија и фантаџиите покрај
вардар. во тетрапак пакување.

 

бездомни

се најдовме во еден друг град
по многу години талкање.

и ти ми рече:
јас ќе одам, ти остани.

и јас ти реков:
ти оди, јас ќе останам.

и после со години
идевме и доаѓавме.

и после се појавија
некои други луѓе
и седнаа на слободните места.

 

аşk

живееш насреде распетието.
во четвртата од седумте куќи.
во таа бојадисана зелено.
во таа најчовечката, помеѓу
богот и ѕверот во мене. таму,
меѓу лотосите, си најсигурна.
ноќе ашик-дервиши ти идат
на гости. и почнуваме
да се вртиме во круг. во круг
до осамнување. до исчезнување
еден во друг.

 

немотија

мојот омилен немир си,
кој ми надоаѓа во самотијата
на ноќта. молчам пред твојот
лик, а купишта зборови во мене
се надвикуваат и се устројуваат
во некакви испреплетени редици,
создавајќи смисла што
не умеам да ти ја пренесам.

Пред неколку недели се наврши една година од почетокот на пандемијата. Ковид-19 ги разоткри системските проблеми во здравствениот систем и другите институционални гранки на Косово.

повеќе

Ако не се претвориме во систем на вакцинални касти („Тргни ги твоите Астразенека-шепи од мојот Фајзер-дедо“), може да застраниме кон вакцинални пасоши со сомнителна валидност („Врвката на оваа пропусница не е во нијанса одобрена од СЗО!“).

повеќе

Освен неколку изолирани обиди, повеќето луѓе не реагираат кај институциите и не бараат одговорност. 

повеќе