АНАЛИЗА

Загадување: Пасивни институции, краткорочни мерки, токсичен воздух и нови заболувања!

Влажната зима и сончевата пролет, заедно со нестабилната политичка клима, како да ја оддалечија јавноста од незаинтересираноста на надлежните структури за третманот кон аерозагадувањето. Загадениот токсичен воздух и понатаму е горлив и здравствен проблем во урбаните средини. Жителите на Тетово, Скопје, Кичево, Кавадарци, Кочани, Велес и Битола се надишија загаден воздух колку за цела година! 

Истовремено, недостигаат конкретни и долгорочни решенија за намалување на честичките и металите, со што би се намалил и трендот на респираторни болести, но и загадената почва и храна.

Досега изоставуваат транспарентни извештаи за контролите кон малите и големите индустриски капацитети. Поголемите градови се пренатрупани со густ сообраќај со возила со „Еуро 0“ стандард. За домаќинствата сè уште најевтино достапно греење е огревното дрво, се бараат разни „алтернативни“ начини за топлење, а сè уште нема платформа за развиен гасоводен и поеколошки систем. Истовремено, низ земјава опстојуваат стотици дивоформирани депонии, каде што на големо се палат гуми, пластика и разно ѓубре, па чадот создава токсичен облак над урбанизираните подрачја.

Во пролетниот и летниот период чадот не „пече“ на нос, не е толку интензивен, но мерните станици укажуваат на константно загадување, особено со ПМ 10-честички.

Според Законот за квалитет на амбиенталниот воздух, приспособен со строгите гранични вредности од законодавството на ЕУ, дозволениот број надминувања на концентрираната прашина (ПМ10) годишно е ограничен на 35 пати/денови. Меѓутоа, низ земјата оваа квота е веќе исполнета во првите месеци откако влеговме во 2015 година. И тоа на речиси сите мерни места низ државата.

Тетовци дишеа загаден воздух „богат“ со опасни честички во 146 од досегашните 153 денови во 2015! Кичево било изложено на ваква прашина низ 114 дена, Кавадарци низ 88, Кочани 75, Велес 68, а битолчани ги црнеле белите дробови „само“ низ 43 загадени дена.

Во скопската англомерација на мерното место во Гази Баба досега имало високо присуство на опасни честички низ 80 дена, за Лисиче регистрирана е бројка од 74, а во Центар 54.

Недоволно мерки за долгорочна политика кон аерозагадувањето

Последниот ревизорски извештај за „Ефикасноста на мерките за обезбедување на квалитетот на воздухот во Република Македонија“ потенцираше неколку проблематични точки. Извештајот се однесува на периодот од 2012 до 2014 година, а со ревизијата се опфатени активностите на повеќе институции, како Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), Управата за животна средина, Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), Институтот за јавно здравје, Центри за јавно здравје, единици на локалната самоуправа - Секторот за животна средина и Секторот за инспекциски надзор.

Во него ревизорот забележува неколку работи во однос на отсуството на редовни мерења на квалитетот на воздухот поради неисправност на дел од мерните станици, не се обезбедени финансиски средства и не е распишан оглас за јавна набавка за резервни делови за мерните станици, отсуство на персонал, лабораториска опрема, недоволен инспекциски надзор, некомплетен информативен систем...

За загадувачите економијата високо пред екологијата

Невладината организација „Фронт 21/42“ неодамна направи истражување на темата „Дали и колку плаќаат загадувачите во Македонија?“. Во него стои дека дел од најголемите фабрики, разни индустриски чинители, оператори и трговци на употребувани стоки воопшто не плаќаат за загадувањето што го трпиме, а истовремено и го плаќаме. Од вкупно 3.514.980 евра, колку што треба да бидат собрани од издадени налози за екодозволи, од надоместоци за фосилни горива, прекршочни глоби или од увоз на отпадоци, остатоци и разни супстанции, на сметката на Министерството за животна средина (МЖСПП) во 2012 година се уплатени помалку од 10.000 евра!

Реалната сума веројатно е поголема, бидејќи ова се бројки единствено од пристигнати информации од институциите, каде што владее хаос со наплатата. Со одолжувањето на процесот за добивање еколошка дозвола, надлежните органи им овозможуваат на дел од загадувачите во државава со години да не плаќаат ништо. Дури да бидат и заштитени од плаќање казни кога ги надминуваат законски дозволените гранични вредности.

Документот, кој се осврнува на спроведувањето на одредбите од Законот за животна средина и начелото „Загадувачот плаќа“, покажува дека во периодот 2010-2013 година Државниот инспекторат за животна средина изрекол казни од висина од 103.000 евра, а наплатил само 3.000 евра. Исто така, уочува и голем број недоследности кон А-интегрираните еколошки дозволи наменети за поголемите фабрички капацитети, кои се во надлежност на МЖСПП.

„За добар дел од операторите никогаш не е издаден никаков налог за наплата! Нема координиран систем за наплата - датумите на решенијата покажуваат стихијност и конфузност. На пример, кај ’Фени’ во 2013 година се издаваат решенија за наплата за 2012 и 2011, се издава прво решение за 2009, а потоа за 2008 година“, стои во истражувањето на „Фронт21/42“. 

Исто така, прикажани се и поголем број нелогични пресметки од екодозволите. Кај „Џонсон Мети“, барањето за измена на дозволата е двојно повисоко од годишната дозвола и надзор и многу повеќе од првото барање. Невладината утврдила дека собраните суми во 2010 година отскокнуваат од сите други години речиси кај сите оператори. Кај „Силмак“ од Јегуновце, односно новиот сопственик „Југохром фероалојс“ побарал измена на дозволите со подолги рокови со објаснување дека „ништо не е инвестирано“, а сепак, истата инсталација, без никакви мерки во периодот 2008-2010 има налози од 270.000 до 11.000.000 денари.

Истовремено, стои во истражувањето, некои инсталации пред да инвестираат во мерки плаќаат двојно помалку отколку по мерките, што е спротивно на логиката на директивата. За разлика од МЖСПП, искуството покажува дека општините се многу поорганизирани и поревносни во наплатата кон Б-дозволите за помалите загадувачи. 

„Најголемиот проблем со ИСКЗ-дозволите, сепак, е долгиот период на добивање на дозволата кај дел од инсталациите, вклучувајќи ги и големите загадувачи како ’Макстил’, ’Окта’ и ’РЕК Битола’. На овој начин државата индиректно ја помага нелојалната конкуренција - оние што имаат дозвола и плаќаат за неа секоја година и инвестираат во мерки за почисто производство, додека оние што ’чекаат’ дозвола со години не само што немаат никаква обврска да инвестираат во чиста технологија и не само што не плаќаат ништо за дозволата и годишниот надзор, туку во текот на процесот се заштитени и не може да им се изрече казна за надминување на граничните вредности на емисиите на штетни материи“, стои во истражувањето на „Фронт21/42“.

Доколку концентрациите на честичките ПМ10 и ПМ2,5 се намалат до законски дефинираните вредности, од „Фронт 21/42“ потенцираат дека годишно во Македонија ќе се спасат преку 800 животи, а Фондот за здравство ќе заштеди 151 милион евра. 

Од таму потсетуваат дека студијата на Светска банка веќе покажа дека како последица на загадувањето со ПМ 10 годишно се губат по 1.350 животи. Поради хроничен бронхитис и астма се губат по неколку илјадници работни денови, а предвремените смртни случаи и изгубените работни денови ја чинат нашата економија 253 милиони евра, која во 2011 оваа сума била 3,2 отсто од БДП.

За последиците од аерозагадувањето неодамна алармираше и организацијата „Ќе дишеме или ќе издишеме“. Од таму истакнаа дека во Македонија има над 800.000 граѓани со респираторни болести. Овие бројки растат од година за година. Над 670.000 луѓе се заболени од проблеми со горните дишни патишта, како и околу 200.000 со заболувања на долните дишни патишта.

(Продолжува)

Бојан Шашевски

Таквата федерализација, како што нѐ учи балканското искуство е само преодна фаза која води кон распад на земјата.

повеќе

Во Македонија мора да се случи мирен премин на власта. Така мора да биде и по изборите од 2016 година. Во спротивно, земјата ќе се третира како „пиратска“ или како „разбојничка“ држава.

повеќе

Ако државата е заробена, а институциите не работат - мислам дека е потребно да се употреби сценариото како со АВНОЈ и АСНОМ во Втората светска војна.

повеќе