ТРЕТ ДЕН ЕКСТЕРНО ПОЛАГАЊЕ

Учениците добија чудни, нелогични и погрешни прашања на екстерното тестирање (ФОТО)

Веќе трае третиот ден од екстерното тестирање, a досега од учениците и родителите стигнуваат огромен број забелешки и нелогичности во однос на прашањата. Учениците наоѓаат технички, печатни и граматички грешки, некои прашања воопшто немаат логика, дел се повторуваат, се појавуваат прашања без понуден одговор, а за некои материи воопшто немаат учено на редовните часови.

Учениците се комплетно збунети и зачудени. Во екстерните прашања по англиски јазик за петто и шесто одделение голем дел од понудените текстови имаат и граматички и правописни грешки, а дел од прашањата ги гледаат првпат - ниту ги имало во учебниците, ниту наставникот им предавал такво нешто.

На пример, во текстовите по англиски јазик се меша сегашното со минатото време, и тоа кај ученици што досега не го учеле минатото. Исто така, се наоѓаат многу печатни грешки, па така Лејди Ди не е „Princess“ туку „Princes“.

Дел од учениците не можат да најдат одговори на прашањата: Каков вид текст е „Богородица оди по маките“? или пак „Кој средновековен роман претставува христијанизација на животот на индискиот светец Буда?“ Исто така, учениците не го знаат одговорот на: Кој лик од „Мртви души“ е скржавец? - ова дело воопшто не е дел од програмата.

На прашањето: Колку букви има кирилицата, која настанала со преобразба и поедноставување на глаголицата?, понудени се 4 неточни одговори: а) 58, б) 48, в) 28, г) 38. Точниот одговор е 44.

На екстерното по предметот Граѓанско образование се појави и прашање поврзано со спорот со Грција, кое гласи вака: „Спорот за името со Грција со вклучување на трета страна може да се реши со: а) дипломатија, б) компромис, в) спогодба. Голем дел од учениците го одговориле различно, а подоцна одговор не можеле да добијат ниту од нивните родители, ниту пак од наставниците.

Други ученици, пак, потенцираат дека голем број од прашањата содржеле и расистички и омаловажувачки елементи.

До редакцијата на МКД.мк стигнаа повеќе забелешки од загрижени и револтирани родители. Една мајка на ученичка од Карпош вели дека ќерка ѝ е во 6-то одделение, годинава прв пат почнала да учи германски како втор јазик и за полагање ѝ се паднал токму германскиот.

„Проблемот е што првпат се сретнува со јазикот. Значи, јас не сум ја праќала на курс лани за да се подготвува, ниту пак годинава одеше. Целото знаење ѝ е од училиште, од професорот и од програмата во учебникот. А во училиште учеа најосновни работи, бројки, училиштен прибор, некоја ситна граматика, а најголемата реченица беше до 4 збора, т.е. просто-проширена. Тоа е само за да разберат. Но на екстерното речиси секое второ прашање е на германски, и тоа цели реченици, со многу зборови што воопшто не ги учеле, ниту ги има во лекциите. Најстрашно е што има дваесетина прашања што се цели текстови, од 5 до 10 реченици, кои треба да ги прочитаат, да ги преведат и да одговорат на прашање. Револтирана сум што очигледно прашањата се надвор од програмата и од можностите на децата. Можеби очекуваат дека сите треба да ги праќаме децата на приватни курсеви, паралелно да учат јазици, па да бидат поподготвени за нивните експерименти. А веројатно не размислувале дека немаат сите финансиска можност за тоа и дека децата ќе си набијат комплекси дека не знаат и дека не учат доволно, па затоа немаат успех. Жално“, стои во реакцијата на мајката.

Друга мајка уверува на селективност при полагањето. На нејзиното дете во училницата каде што полагало не му било дозволено користење калкулатор, а било единствено што полагало математика. Во останатите училници, пак, биле дозволени и калкулатори, мобилни и сл.

„Целото тестирање е временски ограничено и рачното пресметување одзема повеќе време, па при крајот децата ги фаќа паника и грешат и онаму каде што не би требало да грешат. Не сакам да испадне дека се жалам зашто не ѝ дале калкулатор, но сакам критериумите секаде да бидат еднакви. Не може некој да биде привилигиран, а некој оштетен. На крајот на краиштата, целта е ова да влијае педагошки и секој да научи нешто повеќе“, вели мајката.

Родител на средношколец од гимназијата „Орце Николов“, пак, потенцира низа различни проблеми со екстерното тестирање. Според искуството од средношколецот и неговите другари од првите два дена, главно има согледување дека Министерството за образование и наука подготвило најмалку дупли бројки на прашања.



„Значи ако, да речеме, по биологија официјално биле подготвени 200 испитни прашања, од кои 40 ќе му се паднат на еден ученик, тоа значи дека тој треба да ги научи сите 200, нели? Е па, децава споредувале веќе поминати прашања и испаднало дека има уште најмалку 200 прашања што се во оптек, а не се на листата на официјално објавените прашања, а им се паѓаат на екстерно. Ова значи, џабе ги учеле објавените, кога од нив дали 5-10 ќе им се паднат. Но најголем проблем било што прашањата многу често не се однесувале на суштината на некоја материја, туку се вадени од фусноти, од најмалку важни детали од лекциите, од оние податоци во учебниците што се за дополнување, занимливости и слични збогатувања на лекциите, кои професорите не ги предаваат“, реагира родителот на ученик од „Орце Николов“.

Според него, посебен детаљ е што во испитните прашања по биологија за трета година гимназија, има речиси една четвртина прашања од втора година.

„Што сакал испитувачот да постигне со тоа?! Ненадејно да ги фати децата неспремни? Да ги надитри?!“, прашува родителот, потенцирајќи дека од почетокот на екстерното, па до денес, со секое наредно тестирање расте бројот на бодовите што треба да ги освојат за да довијат одредена оценка. Па, прашува, до каде се крева прагот за бодовите за оценка?

Стигна реакција и од Средношколскиот пленум. „Пленумците“ потенцираат дека екстерното е тестирање за кое секоја година од МОН велат дека поминало во најдобар ред, а, всушност, секоја година станува сè поапсурдно и поапсурдно.

„Господа од МОН, ова не функционира онака како што сакате и како што сте замислиле. Прашања без понудени одговори, прашања со ниеден точен понуден одговор, одговори без прашања се само дел од проблемите на кои наидуваат учениците што го полагаат ова тестирање. Најжалното од сè, ова се само дел од проблемите на кои се наидува, а несомнено има безброј пропусти. Зарем не ви е срам, поради ваши грешки, поради вашата неспособност учениците да се оштетени, зарем не ви е срам што со ова ги деградирате посветеноста и знаењето што учениците го стекнуваат преку целата учебна година, активно девет месеци?“, велат од Средношколски пленум.



Проблемите со екстерното тестирање ги анализираше и Наставничкиот пленум. Од таму сите забелешки, искуства и нелогичности преку писмо ги испратија до претседателот на Европскиот синдикат за образование, Мартин Ромер. Сметаат, спротивно на неговата базична цел, екстерното ќе се одрази врз работата на наставникот и ќе предизвика некакви промени во професионалната сфера.

„Една од најголемите слабости во моделот на екстерното тестирање е неговиот ограничен концепт замислен во следниот формат: електронски тест што се состои од 30 прашања од затворен тип за кои се понудени 4 одговори, од кои еден е точен, а другите неточни. Целокупниот збир од точно одговорени прашања по одреден предмет според однапред дефинирано тежинско ниво ја определува оценката што ја добива секој ученик. Објективното оценување на наставникот се вреднува врз основа на тоа во колкав опсег се совпаѓаат неговите оценки со оценките добиени на екстерното тестирање“, стои во писмото на Пленумиот, каде што ги потенцираат слабостите и непрецизираните механизми на екстерното тестирање.

Велат, наместо паричното казнување наставници, резултатите од екстерното се претворија во критериуми што во законите за образование се поставија како ограничувачки причинител за понатамошниот професионален и кариерен развој на наставниците.

Истовремено, ниту учениците не беа поштедени од казнениот механизам. Тврдат дека оценките што ги добивале на екстерното тестирање се пресметувале во општиот успех заедно со оценките на наставникот, по истите предмети и воопшто не се повело сметка за тоа дека оценките по предметите се удвоени (две оценки за два исти предмети). 

„Втората неповолност што произлезе за учениците беа слабите оценки (недоволен 1) добиени на екстерното тестирање. Им беше оневозможено да го преполагаат екстерниот тест ако претходно добиле слаба оценка. Третата неповолност во која потфрли екстерното тестирање е неприспособеноста кон ранливата категорија на ученици што од разни причини (внатрешни и надворешни) не знаат и не можат да одговорат на начинот и обликот на кој се бара повратната информација од нив. Стандардизираниот електронски тест воопшто не е приспособен во технички поглед кон барањата на оваа категорија на ученици, иако и тие како субјекти беа вклучени во тестирањето“, стои во писмото на Наставнички пленум.

Од Министерството за образование и наука испратија соопштение во кое тврдат дека воопшто нема пристигнати пријави за какви било проблеми со екстерното тестирање. Според информациите од кол-центрите, ангажираните тестатори и надбљудувачи, велат од МОН, процесот се реализира непречено и согласно со акцискиот план и дефинираната динамика, при што, заклучно со 12 часот тој е целосно заокружен во 103 основни и средни училишта. До овој момент нема пријави за технички или проблеми од каква било друга природа, стои во соопштението на МОН.

Инаку, екстерното тестирање почна на 2 јуни и ќе трае до 10 јуни. Предвидува околу 50.000 прашања од сите предмети, а ќе опфати 183.280 ученици и 17.803 наставници. 

Б.Ш.

Нема простор за двоумење и губење време, затоа Македонија и Бугарија треба да соработуваат што е можно поскоро за да најдат јасен јазик за разбирање, во процес кој би бил следен од ЕУ, Вашингтон и ОН.

повеќе

Наместо да ги повлечат тужбите против воените инвалиди и членовите на семејствата на загинатите припадници на безбедносните сили, МВР отиде дотаму што поднесе тужби дури и против членовите на семејствата на загинатите полицајци со законска камата да ја вратат земената оштета.

повеќе

Платформата е формирана на 9 мај 2018 година во рамките на проектот на УСАИД, во која се вклучени 4 комори за да се зајакне јавно-приватниот дијалог во процесот на подготовка на донесување закони и други прописи поврзани со работењето на бизнисот.

повеќе