Поведена е дисциплинска постапка за тројца обвинители

Русковска суспендирана заради претресот кај Муареми во Финансиската полиција

Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески денеска поднесе предлог за поведување дисциплинска постапка за утврдување одговорност на тројца јавни обвинители, за кои постои сомнение дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка со што сториле тешка дисциплинска повреда. Шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска за МИА, потврди дека добила решение за суспензија. Постапката е заради претресот во Финансиската полиција со која раководи Арафат Муареми. 

За Русковска, но и за обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска е поднесен предлог за поведување на дисциплинска постапка. 

„Во согласност со член 93 од Законот за јавното обвинителство, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија денеска поднесе предлог за поведување дисциплинска постапка за утврдување одговорност на тројца јавни обвинители, за кои постои сомнение дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка со што сториле тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеа 6 од Законот за јавното обвинителство“, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.

Во исто време, додаваат од Обвинителството, врз основа на член 81 од Законот за јавното обвинителство, јавниот обвинител на Република Северна Македонија донесе Решение за оддалечување од функцијата на еден јавен обвинител додека трае кривичната постапка поведена по поднесена кривична пријава против него.

Управата за финансиска полиција на 8 август соопшти дека поднела кривична пријава до скопското Јавно обвинителство во која се опфатени сите обвинители за кои што Управата смета дека постојат основи на сомнение за сторени кривични дела.

Во соопштението не беа наведени имињата на обвинителите, поради „почитување на пресумцијата на невиност на пријавените", но извесно беше дека станува збор за шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал Вилма Русковска и обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска.

 Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција на 18 јули годинава изврши претрес во Управата за финансиска полиција, по што следуваше јавна преписка и обвинувања меѓу шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска и директорот на Управата Арафат Муареми.

Русковска изјави дека се постапува по предмет отворен по пријава од граѓанин, а Муареми претресот го квалификува како незаконски и обвини дека станува збор за намерно инсценирани и неосновани напади кон нив кои доаѓаат од „еден ист центар".

Исто така, оттаму поднесоа и претставка до државниот обвинител за постапувањето на истражителите и обвинителите од обвинителството на чело со Русковска, како и до Судскиот совет за судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје кој ја издал наредбата за претрес врз основа на барањето на Обвинителството.

Во врска со овој случај, пред неколку дена Русковска ги повика САД, ЕУ и европската обвинителка Лаура Ковеси да ѝ помогнат поради, како што наведе, притисоците од владиниот службеник - директор на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми, притоа оставајќи им простор да ги проверат нејзините предмети и да се расчисти, како што нагласи, кој во државата се бори против криминалот и корупцијата.

Од амбасадите потоа одговорија дека надлежни за таква проверка се македонските државни институции.

Постои нужна потреба од прилагодување на студиските програми, соодветните силабуси и наставниот курикулум на реалната потреба на пазарот на труд во државата.

повеќе

Во текот на оваа и претходната година, инфлацијата ја задуши македонската економија. 

повеќе

Одлучната изборна победа на италијанската десница овозможува нејзиниот лидер да биде првата жена премиер во Италија и прва која тврди дека недвосмислено има постфашистичко потекло.

повеќе