Kривичен суд

Сведок на убиството на Саздовски: Како што беше паднат Никола еден од обвинетите го згази на врат

Во Основниот Кривичен суд Скопје, денеска се одржа рочиште за убиството на дваесетгодишниот Никола Саздовски, во кое еден од тројцата обвинети е и Јетон Љужа, кој беше во бегство, а од пред пет месеци е екстрадиран од Германија. Кривичниот суд, претходно, ги осуди Бесир Беља и Скендер Демири, на по 19 години затвор за убиство на Саздовски.

Миле Алексовски, возач на камион, кој беше сведок на постапката за осудените Беља и Демири, и бил присутен како сведок на настанот што се случи на 29 јуни 2018 година, денеска беше прашан од обвинителот дали доколку сега ги види може да се сети на лицата кои што го нападнале оштетениот, тој одговори дека е поминато долго време, луѓето се менуваат, и не знае дали би ги препознал.

На прашањето дали во судницата препознавате некој од таму присутните, одговори: „Не можам да кажам, да не испадне да лажам, можеби е дечково, можеби не е".

На прашањата од Обвинителството, евоцирајќи го настанот, Алексовски одговори дека во моментот кога го чекал автобусот број 53, дошле девојче и дечко и застанале на три метри од него.

„Тие тука стоеја, во тој момент дојдоа тројца дечки, му побараа лична карта или цигари и во тој момент почнаа да го удираат. Девојката се тргна малку на страна, викаше, викав јас по полиција да го остават, тоа траеше околу пола минута, 40 секунди, на крај едниот од обвинетите, како што беше паднат Никола на сандачето со главата го згази на врат и се упатија кон „Пивара", каде што им беше оставена колата, и потоа на црвено на надвозникот отидоа накај Железара“, изјави Алексовски.

Сведокот дополни дека викнале брза помош, во меѓувреме се обиделе да му ја отворат устата бидејќи му течела густа крв, но не успеале.

Сведокот обвинетите ги опиша како „височки дечки, двајца послаби, еден пополн, на возраст до 22-23 години. Тој дополни дека биле облечени во маички и патики.

Тој се изјасни дека не можел во тој кус момент да процени кој колку удари задал, но беше сигурен дека го удирале со боксови и сето тоа се случило многу набрзина.

Вториот сведок, Сабит Осман, сопственик на возилото со кое напаѓачите побегнале и вујко на еден од осудените, пред судот изјави дека во периодот на случувањето поседувал Мерцедес Ц класа, а во моментот на настанот неговиот автомобил бил кај зет му. „Колата беше кај зет ми едно две години пред тоа сестра ми беше оперирана и и беше ставен вештачки колк, во меѓувреме останаа без кола и често им ја позајмува колата со валидно полномошно“, изјави Осман.

Според пресудата за Беља и Демири, обвинетите кои дејствувале заедно, се виновни затоа што на свиреп начин го лишиле од живот Никола Саздовски. Тие на булеварот „Александар Македонски" во Скопје, на автобуската постојка пред фабриката „Алкалоид" му пристапиле на Саздовски и му побарале лична карта. Откако оштетениот им ја покажал личната карта, обвинетите неочекувано започнале заедно истовремено да го удираат со боксови во пределот на главата и градите.

На следното рочиште,што е закажано за 24 март, треба да сведочи вештак од судска медицина и еден сведок на настанот. 

Пред неколку недели се наврши една година од почетокот на пандемијата. Ковид-19 ги разоткри системските проблеми во здравствениот систем и другите институционални гранки на Косово.

повеќе

Ако не се претвориме во систем на вакцинални касти („Тргни ги твоите Астразенека-шепи од мојот Фајзер-дедо“), може да застраниме кон вакцинални пасоши со сомнителна валидност („Врвката на оваа пропусница не е во нијанса одобрена од СЗО!“).

повеќе

Освен неколку изолирани обиди, повеќето луѓе не реагираат кај институциите и не бараат одговорност. 

повеќе