Судски апсурди

Судијка од Куманово поради загушлива судница и расипан клима уред забранила присуство на набљудувач од ХКЧП

Хелсиншкиот комитет за човекови права остро реагира на грубото нарушување на начелото на јавност на постапката во Основиот суд Куманово, во судски процес кој Комитетот го мониторира на барање на тужената странка. За судскиот мониторинг, како и за лицето што ќе го спроведува, Основниот суд Куманово беше уредно информиран преку известување од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права. Но, судијката пред почетокот на подготвителното рочиште, кое се одржа на 25 мај 2022 година, ги информирала тужената и судската набљудувачка дека не смеат да присуствуваат на рочиштето, односно побарала во судницата да останат само полномошниците на странките.

Со тоа, велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права, судијката оневозможила нивно присуство, иако не донела решение за исклучување на јавноста, ниту пак ги образложила причините и основот за исклучувањето на јавноста и на странката. Рочиштето се одржало само во присуство на полномошниците, а пред неговото завршување, судијката побарала од полномошникот на тужената претставници од Хелсиншкиот комитет да не доаѓаат на судски мониторинг сѐ до конечно завршување на постапката.
Хелсиншкиот комитет првично реагираше по службен пат, со поднесување претставки до Претседателот на Основниот суд Куманово и до Судскиот совет. Причината за оваа јавна реакција е токму одговорот на претставката која ја достави в.д, претседателката на Судот, кој го сметаме за срамен и недозволив.

Во одговорот на претставката, меѓу другото стои:

„Судијата наведува дека на закажаното рочиште на 25.05.2022 година, во судница 47 во Основен суд Куманово е одржана расправата, при постоење на тешки временски услови- високи температури, загушливост во судската сала со оглед дека клима уредот во истата не можел да се стави во функција, а поради фреквентноста на судењата и пред ова судење, условите за судење во судницата биле крајно отежнати, со задушливост на воздухот, каде евидентна била тежината и исцрпеноста и на самите полномошници адвокати за застапување при судење, па поради вака отежнатите услови за работа, кои се рефлектирале на здравствената состојба, на рочиштето присуствувале само адвокатите. Не било точно дека генерално била исклучена јавноста по предметот, поточно дека на претставникот на Хелсиншкиот комкитет му било забрането да присуствува и на сите наредни рочишта, туку на истиот од страна на судијата му било соопштено дека поради таквите тешки услови за работа, во тој момент нема да биде присутен претставникот, туку само полномошниците на странките, а во никој случај не е забрането понатамошно присуство на јавоста и на странките во постапката....од страна на В.Д. Претседателот на судот е констатирано дека во судницата 47 при Основен суд Куманово нема далечински управувач за активирање на клима-уредот во салата, по што се преземени мерки да во иднина може да се врши негова активација“. 

Во одговорот доставен до Хелсиншкиот комитет е исто така посочено дека се преземени дејствија за разрешување на техничките проблеми со активација на клима уредот во салата и дека во иднина ќе нема проблеми со почитување на начелото на јавност на судските постапки, како уставно загарантирано начело.

Но, нема ниту збор за тоа што овој уставен принцип веќе бил грубо прекршен од страна на предметната судијка, која практично ја отстранила од судењето, не само набљудувачката на Комитетот, туку и самата странка, без да ја испочитува обврската да донесе решение за исклучување на јавноста.

Согласно начелото на јавност на судските постапки, членот 102 од Уставот и членот 292 став 1 од Законот за парнична постапка, расправите пред судовите се јавни и на истите можат да присуствуваат сите заинтересирани полнолетни лица.

Законот за парнична постапка предвидува и исклучување на јавноста во одредени ситуации пропишани точно со Законот, но исто така членот 295 вели дека за исклучувањето на јавноста одлучува советот со решение кое мора да биде образложено и јавно објавено. Дополнително, во членот 343, став 2, точка 12 од ЗПП е предвидено дека исклучувањето на јавноста од главната расправа спротивно на законот е суштествена повреда на одредбите од парничната постапка.

Поради крајно неприфатливиот одговор од кумановскиот суд, во кој се игнорира грубото прекршување на постапката од страна на судијката, Хелсиншкиот комитет ќе ја дополни претставката до Судскиот совет со добиениот одговор (подолу во текстот) оваа реакција) со барање да преземе соодветни мерки против судечкиот судија и в.д. претседателот на судот во Куманово.

Начелото на јавност на постапката е клучно за обезбедување на правичноста и за фер и законито постапување на судовите, а неговото прекршување влијае на и онака слабата доверба на граѓаните во судството и институциите.

 

Минатата недела во јавноста се актуелизираше дискусијата за концептот на даночната реформа.

повеќе

Војната во Украина ја разоткри вистината за Русија, но и вистината за Европа. 

повеќе

Несанкционирањето на овој говор доведува до повторување, ширење и злоупотреба на овие аномалии како еден вид „нормализиран“ начин во политичката борба против поединци и групи со различни мислења.

повеќе