Продолжува комисиската расправа

Сите предлози на власта за уставни судии поминаа, но не и на опозицијата

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска ќе ја продолжи расправата за предлогот јавниот обвинител Љубомир Јовески да биде уставен судија. Јовески за уставен судија е предлог на владејачките партии.

Пратениците од опозицијата истакнаа дека секогаш кога СДСМ е на власт, Јовески напредува во кариерата, како и дека никој од владејачкото мнозинство кои се предлагачи не го образложи предлогот Јовески да биде уставен судија.

„Мислам дека на овој начин демонстрираме една класична ароганција на власта, кон парламентарното малцинство во моментов, кон демократијата, и односот, генерално, кон институциите во државата. Некоректно и неприфатливо, за мене како пратеник, без разлика дали доаѓам од власта или опозицијата, е да дискутираме за предлог кој што воопшто не е образложен од страна на предлагачите“, рече пратеникот Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.

Според Ане Лашкоска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, ова е крајниот удар кој што власта го прави на Уставниот суд.

„Во последните истражувања беше случај дека граѓаните имаат доверба во судството осум проценти, наредното истражување ќе биде нула проценти. Слободно можеме да сметаме откако ќе поминат и овие гласања, овие желби, овие извршители на Заев да станат уставни судии, може да сметаме дека во Република Македонија повеќе Уставен суд не постои“, рече Лашкоска.

Нејзината сопартијка Даниела Христова, пак, изјави дека Јовески има искуство во судството, но, како што рече, со тоа има искуство и во поголем број на криминални афери и скандали. Таа рече дека овој кандидат не може да биде добар, непристрасен и правичен уставен судија.

„Сѐ додека Обвинителството е чуварот на криминалите на актуелната власт, нема да верувам дека Љубомир Јовески е вистинскиот човек за највисоката функција во судството. Човек кој е тотална спротивност од она што треба да биде. Човек кој е заштитник на криминалот и корупцијата во државата. Едноставно, треба да замине и од обвинителството и воопшто од судството и со своите скоро 69 години најдобро би било да ги живее мирно своите пензионерски денови, а не да биде слеп послушник на власта“, рече Христова.

Изминативе денови членовите на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата дадоа поддршка на кандидатите Татјана Васиќ Бозаџиева, која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство и на граѓанскиот судија во Апелациониот суд во Скопје, Фатмир Скендер.

Комисискиот филтер не го поминаа кандидатите предложени од опозицијата - Саво Климовски, универзитетски професор Тодор Витларов, вработен во Вишото јавно обвинителство во Штип, судијата во пензија Бранко Секуловски, Воислав Димовски, доскорешен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид и судијката од Управниот суд, Весна Јовановска и универзитетската професорка Родна Живковска.

Уставниот суд повеќе од една година работи во нецелосен состав. Од предвидените девет члена, на четворица им е истечен мандатот.

„Ќе дојде ден, кога пазарите отворени за трговија и размена на идеи, ќе бидат единствените борбени полиња“ - Виктор Иго

повеќе

Трагично е што воопшто треба да се бориме за зачувување на институција која отсекогаш била стожер на културниот живот во Македонија.

повеќе

Македонија нема рециклирачки капацитет за пластичната амбалажа, а со увозот на ѓубре како гориво во индустријата, станува и неофицијална депонија на ЕУ.

повеќе