Потерници, полиција, прес-конференции за само една самоизолација

Сашо Мијалков, стилскиот бегалец што отиде за да се врати

Сашо Мијалков се појави. Го нема повеќе на страницата на МВР, каде што потерницата по него е тргната, но го има во државава. Откако два дена ја крена буквално цела држава на нозе, тој вчера пеш и сам, полека и опуштено, дојде пред Основното јавно обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, од каде што го подигна решението за притвор. Вели дека бил во изолација поради симптоми на ковид-19 и дека не знаел дека го бараат.

По сѐ изгледа Мијалков не се предаде бидејќи прво, според неговата изјава и шетањето како слободен граѓанин, тој себеси не се смета за бегалец. А и зошто би се сметал, кога самиот вели дека ниту бегал, ниту ќе бега. Обвинетиот поранешен шеф на УБК се чини дека многу стручно ѝ се криеше на полицијата два дена, а уште постручно ги помина улиците низ половина град, па пеш, без да биде запрен од никого, се појави во институцијата што кривично го гони и за него бараше притвор.

Факт е дека Мијалков го направи невозможното, односно она што се чини дека никој до сега не го направил. Осуденици и осомничени бегале, па сами ѝ се предавале на полицијата, но не на овој начин како поранешниот шеф на УБК, кој се чини дека со студен туш ги попари институциите. Тој два дена бил во државава, а според првичните сознанија на МВР и во Скопје.

За него откако не беше најден на домашна адреса да му се врачи решението, беше распишана централна потерница и се бараше на територијата на цела држава. Но потоа МВР му предложи на Основниот кривичен суд Скопје да издаде наредба за Мијалков да биде распишана и меѓународна потерница. Предлогот беше прифатен и во потрагата по Мијалков се вклучи и Интерпол.

А зошто ли беше оваа меѓународна потерница кога сознанијата биле дека тој не ја напуштил земјава?

Целата јавност ја памети изјавата на Мијалков дека неговиот животен стил не е да бега. И навистина, кога сите помисливме дека тој го променил стилот на живеење, тој се врати изненаден дека го барале и тврдејќи дека не знаел, туку ете, си почитувал препораки за заштита од ковид-19 и бил во самоизолација.

Каков крај на една меѓународна потерница...

Претходно пишувавме за братучедите-бегалци, Сашо Мијалков и Никола Груевски, и изразивме надеж дека има уште неколку дена до петок за кога е закажана пресудата за „Таргет-Тврдина“ Мијалков да се врати. И точно, тој дојде, по што беше спроведен во куќен притвор.

Дали сѐ уште има симптоми на ковид-19 или не, зошто никој вчера не побара тој да биде тестиран како што налагаат протоколите и зошто никој не ги провери неговите изјави, остана нејасно.

Обвинителката Вилма Русковска не поверувала во изјавата дека е болен, ама се израдувала кога се појавил Сашо Мијалков. Не се сретнала лично со него, ама се видела со еден од неговите адвокати, со кого заедно заклучиле дека Мијалков погрешил што побегнал.

Мијалков се појави и се извини на сите за непријатностите, а како што велат, кој признава кога греши, пола му се простува.

Шефицата на ОЈО ГОК Русковска, која претходно беше убедена во бегството на Мијалков за кого првично се бараше притвор, по доаѓањето на обвинетиот во ОЈО ГОК ја повлече дури и жалбата и омекна во изјавите. Таа вчера изјави дека убедена е дека Мијалков нема да побегне бидејќи ако сакал, тоа ќе го сторел веднаш.

Па нели за него беше распишана потерница и тоа прво централна, па меѓународна... А да, олеснителна околност според Русковска е што Мијалков сам се појави, односно според надлежните, се предаде.

Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека со акцијата во која биле вклучени надлежните институции раководел тој, и Мијалков откако бил притиснат немал друг избор освен да се предаде.

Значи Мијалков никој не го фати, односно немаше кој да го фати, освен новинарон од Телевизија 24, кој, среќа, го праша, А вие во Македонија сте?

Многу податоци, многу драма, многу изјави, многу заплети и расплети за само два дена во драмата наречена „Стилскиот бегалец“.

Сите прашања ќе ги оставиме да ги одговори истрагата што е во тек во Основното јавно обвинителство во Скопје, а за која главниот предизвик е бегството и тоа не на кој било, туку на Мијалков, човекот што се гони за еден од најголемите предмети во државата, кој се однесува на масовното прислушување.

И факт е дека поранешниот прв човек на УБК си го испочитува стилот на живеење и в петок ќе ја чуе пресудата за „Таргет-Тврдина“ во судница, но само како обвинет, а не како обвинет бегалец, бидејќи човекот кажа: „Проблемите не се решаваат со бегање и мојот стил на живеење не е да бегам“.

Мијалков сега според решението е во куќен притвор во неговиот дом и треба да е под 24 часовен аудио и видеонадзор.

Останува отворено прашањето дали в петок ќе биде осуден и дали ако казната е висока, за него повторно ќе се бара ефективен притвор.

Побегна ли или едноставно не следел вести и медиуми за да знае дека сите, па и Интерпол, го бараат за да му предадат решение за куќен притвор, ќе одговорат надлежните бидејќи, нели, кај нас сѐ мора да е согласно законот или што би рекол премиерот Зоран Заев, кој се огрешил, ќе си одговара.

И пак завршуваме со надеж дека овде во истрагата за Мијалков ќе има поконкретни одговори за разлика од бегството на Груевски, каде што поранешниот премиер тврди дека не бегал, туку заминал за да си го спаси животот, а истрагата покажа дека сите надлежни постапиле законски.

Во исчекување на деталите од истрагата, в петок јавноста ќе ја чуе пресудата за стилскиот бегалец, кој отиде за да се врати, и за уште неколкумина осомничени за масовното прислушување во државава.

    К.Додевска

Пред неколку недели се наврши една година од почетокот на пандемијата. Ковид-19 ги разоткри системските проблеми во здравствениот систем и другите институционални гранки на Косово.

повеќе

Ако не се претвориме во систем на вакцинални касти („Тргни ги твоите Астразенека-шепи од мојот Фајзер-дедо“), може да застраниме кон вакцинални пасоши со сомнителна валидност („Врвката на оваа пропусница не е во нијанса одобрена од СЗО!“).

повеќе

Освен неколку изолирани обиди, повеќето луѓе не реагираат кај институциите и не бараат одговорност. 

повеќе