Интервју

Поранешниот обвинител Димоски: Ми се гади од луѓето што им се слуги на сите господари!

Воислав Димоски од јули веќе не е обвинител во обвинителството во Охрид. Сам даде оставка незадоволен од тоа што за 10 години не успеа да помогне во проектот на менување на состојбите во правосудството воопшто. „Од денешен аспект можам да кажам дека ама баш ништо не сум успеал да променам“, вели Димоски, кој веќе подолго време на својот фејсбук-профил сосема отворено како обвинител зборува за тие состојби. Така зборува и во интервјуто за МКД.мк.

Димоски апелира до пратениците да ја напуштат праксата да избираат послушници, но смета дека во обвинителството и во судовите сепак има една мала бројка вистински професионалци, луѓе што се на маргините, кои не се движат нагоре во хиерархијата бидејќи не се послушни кон политичките елити. За решението што го добил по оставката коментира: „Вака изгледа применета двојазичност комбинирана со висок степен на информатичка писменост. Единствено останува дилемата зошто Обвинителството наместо кандидати за вечерно школо изнедрува кандидати за уставни судии“.

Од Вашите фејсбук-постови во последно време, а од пред неколку дена и со Вашата оставка од обвинителската позиција во Охрид, се чини како да ви „пукнал филмот“. Велите дека одбивате да им се покорите на сугестиите. За какви сугестии се работеше?

- Иако се добива впечаток дека мојата одлука за оставката е импулсивно донесена, уште во декември 2020 година му најавив на тогашниот непосредно претпоставен обвинител, како и на Вишото обвинителство во Битола дека во годината што претстои планирам да се вратам во адвокатурата. Чувствував обврска кон колегите од охридското Основно обвинителство благовремено да го најавам заминувањето за да не им создаде дополнителен товар во работата. Сепак тие (со мали исклучоци!) се чесни луѓе и добри професионалци со кои ме врзуваат убави спомени. Факт е дека заминувањето го правам десетина месеци подоцна од планираното, но околностите се, така да речам, објективни.

На какви сѐ сугестии бевте изложени за време на Вашата кариера?

- Принципите на хиерархија и субординација на кои почива Обвинителството, кажано наједноставно, подразбираат дека таквите сугестии се легитимни. Но во пракса проблемот настанува кога повисоко позиционираните обвинители (виши и републички) насоките не ги даваат по формалниот пат, кој подразбира тие да бидат во пишувана форма, ами по неформален пат, најчесто телефонски или лично.

Знаете, хартијата можеби трпи сѐ, но хартијата и памети сѐ. Манирот е да се практикува субординацијата, а за тоа да не остане писмен доказ. На оваа линија можам да наведам мал милион конкретни предмети. Тоа се предмети што по годишниот распоред сум ги работел јас во ОЈО Охрид, а во моментот кога сум одбил да ги прифатам сугестиите на хиерархијата сметајќи ги за незаконити, истите предмети ми биле одземани и давани на работа на други колеги, кои се подложни на незаконити сугестии од претпоставените.

Moже ли да наведете некој покарактеристичен предмет? Како одат тие работи?

- На пример, одат вака - како дежурен обвинител предлагате притвор за ноторен повратник, кој на ваше дежурство сторил кривично дело од областа на изборите и гласањето. Судот носи решение за притвор. Делото, претпоставувате, сторителот го сторил во име на политичка партија, а според востановената симбиоза помеѓу политиката и криминалот, политиката го зема во заштита својот пулен. Па ви доаѓа раководителот, уплашен и задишан и ви вели дека добил повик „од горе“ притворот да биде заменет со мерка одземање на патна исправа. Вие му кажувате дека во тие триесет минути откако судот определил притвор воопшто не се смениле околностите за да се брукате и да се согласите со укинување на притворот. Епилогот е - раководителот го зема во работа предметот, осомничениот излегува од притвор, па од слобода може да го врши делото бидејќи изборите сѐ уште не се завршени, а вие станувате проблематичен и некооперативен за хиерархијата. Не треба да ви кажувам дека по сето тоа, како награда, раководителот добива уште еден мандат.

Вашата дијагноза за метастазиран канцер во македонското правосудство не е ништо ново. Дијагнозата важеше и пред 20 и пред 30 години. А Вие бевте дел од тоа веќе 10 години...

- Да, бев дел од тоа, ама јас бев оној што беше на таа свадба, ама не го играв тоа оро! Кога отидов во обвинителството, јас затворив разработена адвокатска канцеларија специјализирана во областа на кривичното право. Тоа беше мојата лична жртва во проектот на менување на состојбите во обвинителството и правосудството воопшто. Од денешен аспект можам да кажам дека ама баш ништо не сум успеал да променам. Да не речам дека сум потрошил една декада од животот за џабе.

Инаку деновиве гледајќи го судирот помеѓу Русковска и директорот на Финансиската полиција, кој де факто се сведе на судир помеѓу Русковска и естаблишментот предводен од Јовески, гледам нешто што ме потсетува на судирите што преку годините сум ги имал јас со истиот тој естаблишмент.

Да се разбереме: јас и Русковска им припаѓаме на сосема различни професионални и етички милја, но во хајката што ја спроведуваат кон неа ги гледам истите постапки и истите извршители како во хајките што своевремено ги водеа против мене, а кои нагалено си ги викаа „дисциплински постапки“. Сега таа, која до вчера беше дел од истиот мејнстрим во обвинителството, ќе се соочи со она низ кое минував јас: дисциплинска постапка во која ќе нема минимум права на одбрана загарантирани со законот и со Европската конвенција, членови на дисциплинската комисија што иако цел век биле обвинители, не се кадарни да спроведат обична дисциплинска постапка без притоа да направат мал милион процесни пропусти, државен обвинител што не знае дека на лице што е на боледување на може да му врши достава на огласна табла во обвинителството во кое работи – работа што ја знае секој просечен приправник...

Не можете да претпоставите до која мера се заробени институциите. На пример, своевремено ми водеа постапка за прекршување на Етичкиот кодекс кое сум го сторил со објава на мојот фејсбук-профил. Замислете комисијата донесе мислење дека со конкретна објава сум го прекршил кодексот, а бев објавил фотографии од ружите во мојата градина (црвена и жолта) со коментар: „Процветаа ружите со боите на Македонија! Ќе процвета и Македонија, само да се раатиса од вошките!“ Да не навлегувам во апсурдноста и комичноста на ова, ама кога решив да побарам заштита за ова од Здружението на јавни обвинители станав свесен дека истиот тој што постапуваше како претседател на етичката комисија е претседател и на Здружението на јавни обвинители. Да е работата уште покомична, истиот тој беше претседател на дисциплинската комисија што постапуваше против мене. А најстрашното е што во исто време и јас и тој бевме и сѐ уште сме противкандидати во изборот за уставни судии. Нормално мораше јас да вложам напори за негово изземање, бидејќи тоа е судир на интереси од епски размери. Нему не му текна сам да побара изземање. Еве затоа кога некој ќе ме праша зошто дадов оставка во обвинителството, јас велам: „Не дадов оставка, јас се евакуирав!“

Најавувате книга за сите овие работи. Ќе пишувате за конкретни случаи, за конкретни судии, обвинители, адвокати, политичари... или ќе одите само со општи дијагноза за неопходноста од реформи?

- Општите дијагнози ќе им ги оставам на аналитичарите и професорите. Јас како човек од праксата што работи со конкретни личности, кој во судница ги гледа солзите на некого што изгубил дете или родител, помалку се згрозувам од општите флоскули што ги мантраат по разните форуми таканаречените правни експерти. Правораздавањето е премногу сериозна и премногу конкретна работа за да ја оставиме да ја регулираат луѓе што в судница не влегле ни како сведоци.

Да Ви одговорам на прашањето: јавноста од мене може да чека само конкретни имиња и конкретни случаи, а штом се ослободат институциите од заробеноста, и конкретни кривични пријави против „колеги“. Да го молиме Бога да не настапи апсолутна застареност на кривичниот прогон дури чекаме институциите да проработат слободно и по закон.

И покрај сите овие Ваши согледувања, Вие останувате кандидат за еден од можните нови уставни судии. Ако е таму толку канцерогено, што ќе правите внатре ако Ве изберат?

- Ја сум реалист и во оваа констелација не очекувам да ме изберат за уставен судија. Кога ми понудија да бидам кандидат, најпрво внимавав онолку колку е можно со оглед на законската поставеност на работите, да не дозволам да се врзува моето име со некоја политичка страна. Мотивот за учеството во тој избор ми беше да ги размрдам малку работите, особено кога видов кои се фаворитите за уставни судии. Токму затоа моето инсистирање, ние што сме кандидати да бидеме анкетирани пред собраниската комисија. Не велам дека јас сум најпаметниот и најстручниот, ама бидете сигурни дека јас сум тој што има став за работите.

Од друга страна, најодговорно тврдам дека овие што важат за фаворити се луѓе чии кариери почиваат на немањето став за значајни правни прашања и процеси. Лично, ми се гади од таквите. Тие се слуги на сите господари!

Решението што Димоски го доби по оставката

Што би им кажале на пратениците во една таква ситуација ако има анкетна комисија?

- Во еден парламентарна демократија редот е пратениците како експоненти на највисоката власт да поставуваат прашања со кои би ја утврдиле компетентноста на кандидатите за вршење на функцијата уставен судија. Често пати забораваме на овој ред, а особено заборава извршната власт, која де факто е надредена над Собранието, но и над правосудството.

Токму одбраната на поделбата на власта како принцип е една од суштинските задачи на уставниот судија. Би апелирал до пратениците да ја напуштат праксата да избираат послушници. Недозволиво е исто така повторно да се случи таков пропуст како оној кога за уставен судија беше избран кандидат за кој претходно токму Уставниот суд утврдил дека како судија кривичар го повредил правото на одбрана на обвинетите. Уште многу работи би имал да кажам пред собраниската комисија меѓутоа тие веќе одбраа овој избор да го реализираат под превезот на ноќта. Знаејќи ги стручните квалитети на фаворитите, не ме чуди таквата одлука.

Се враќате во адвокатурата. Сега борбата ќе ја водите однадвор. Што можете да направите од таа позиција, на пример во однос на овој циркус на релација Обвинителство за организиран криминал и Финансиска полиција?

- Се враќам во адвокатурата бидејќи немам што да дадам од позиција на основен обвинител. Да не се лажеме, ако го гледам мојот личен аспект, адвокатурата не само што за мене е подобра варијанта заради личниот мир, туку и од финансиски причини. А циркусите за кои ме прашувате, знам за час да ги решам од позиција на државен обвинител. Друга работа е што не сум сигурен колку ќе сакам да си го рушам мирот и да влегувам во такви аранжмани.

Што според Вас треба да се направи за да се врати вербата во независното судство?

- Најважната работа и најголемиот капитал се луѓето. Да не звучам премногу оптимистички, ама сметам дека во обвинителството и во судовите сепак има една мала бројка вистински професионалци. Тие се луѓе што се на маргините, кои не се движат нагоре во хиерархијата бидејќи не се послушни кон политичките елити. Иако се малку на број сметам дека се доволно за да бидат јадро на кое ќе почиваат промените на подобро. Мислам дека со промоцијата на таквите треба паралелно да оди процесот на детронизација на оние што се поинакви. Само така успехот ќе биде неминовен, но да не се лажеме, успехот нема да биде брз.

А.Д.

 

Објавено

Четврток, Август 18, 2022 - 10:23

Доколку чувствуваме дека нашиот труд ќе биде награден со успех, ќе ѝ приоѓаме на околината со апетит, доверба и храброст.

повеќе

Од општи формулации кон конкретни разговори.

повеќе

„Вчерашниот ден измина, утрешниот допрва доаѓа, го имаме само денес - да започнеме“.

повеќе