Во ек на проверката на македонското правосудство во ЕУ

Партиско-политичкиот пазар за судиските функции е пуштен на најјако

Ништо не е неочекувано во денешниот избор на Весна Дамева за претседателка на Судскиот совет на Македонија. Она што е неочекувано е тоа што и покрај почетокот на процесот на проверка на македонското правосудство во Брисел, во Скопје сѐ повеќе се разгоруваат сомнежите дека и овој избор е само уште една партиско-политичка играрија на власта.

Македонија неодамна и официјално во Брисел го започна процесот на проверка на Поглавјето 23 кое се однесува на правосудството. И додека десетици експерти кои со години секојдневно работат на приближување на земјата до Европската Унија (ЕУ) во оваа област, дотогаш локалните моќници продолжуваат со судско-политичкиот пазар. Оттука ништо не е неочекувано во денешниот избор на Весна Дамева за претседателка на Судскиот совет на Македонија.

Она што е неочекувано е тоа што и покрај почетокот на процесот на проверка на македонското правосудство во Брисел, во Скопје сѐ повеќе се разгоруваат сомнежите дека и овој избор е само уште една партиско-политичка играрија на власта.

Извори на МКД.мк тврдат дека владеачката СДСМ има потреба од полојален претседател на Советот, па оттука и оставката на Павлина Црвенковска од таа позиција е за што побрзо на тоа место да биде избрана Весна Дамева, нешто што се случи денеска.

Политичките моќници никако да ги тргнат рацете од Уставниот суд

Дали власта го злоупотребува Уставниот суд за да по кој знае кој пат намести свои подобни кадри? Ако се суди по најновите случувања во правосудството тогаш одговорот е да. Како поинаку да се сфати изборот на Весна Дамева за нова претседателка на Судскиот совет во време кога власта после долги математики ги избра двајцата свои кандидати за судии во Уставниот суд? Но каква е врската помеѓу изборот на Дамева за претседателка на Судскиот совет и изборот на Тања Васиќ Бозаџиева и Фатмир Скендер за уставни судии?

Имено пред Уставниот суд на 17 јули 2020 година е поднесена Иницијатива за преиспитување на уставноста на дел од Законот за судскиот совет за тоа кој може да биде избран за претседател на овој совет.

Според иницијативата претседател на Судски совет не може да биде правник кој не доаѓа од редот на судиите, а токму таков член на советот е Дамева. Според нејзината официјално достапна биографија, таа е дипломиран правник која своето работно искуство најмногу го стекнала во Кривичниот суд Скопје, прво како приправник, а потоа и како стручен соработник. Никогаш не била судијка. За членка на Судскиот совет е избрана во декември 2019 година по предлог на претседателот на државата. Бидејќи никогаш не била судијка, на Дамева не ѝ било забрането да членува и во партија. Па така, таа во минатото била член на правната комисија во СДСМ.

Нашите извори тврдат дека по изборот на Дамева на чело на Судскиот совет сѐ поверојатно е дека Уставниот суд ќе ја укине оспорената одредба, но тоа нема да ја засега неа, туку ќе важи за во иднина затоа што кога Уставниот суд укинува одредба од законот таа не може да има ретроактивно дејство.

„Со своето партиско минато се очекува Весна Дамева подобро да ги менаџира процесите за пополнување на Управниот одбор на Академијата за судии, како и другите кадровски надлежности кон судиите во судовите во Македонија", тврди нашиот извор.

И по четири пати на дневен ред, одлука за иницијативата нема, а нема ни да ја има

Оттука се и сомнежите дека и по две и пол години откако е поднесена иницјативата одлука на Уставниот суд нема.

Од највисокиот суд во земјава за МКД.мк велат дека по оваа иницијатива е оформен предмет кој првпат бил на дневен ред на седницата на судот на 3 март 2021 година, но тогаш судијата-известител го повлекол својот реферат со официјално образложение дека треба да се доработи. По четири обиди, Уставниот суд сепак реши да поведе постапка за оценување на уставноста на оваа иницијатива. Но конечна одлука нема да има се додека Уставниот суд не се пополни со сите девет судии.

„Вториот пат предметот е ставен на седница на 28 април 2021 година на која е донесено решение да се поведе постапка за оценка на уставноста на член 8 став 3 во делот: 'кои се избрани од страна на Собранието на Република Северна Македонија', од Законот за Судски совет на Република Северна Македонија. Не се поведува постапка за оценка на уставноста на член 6 ставови 2 и 3, член 7 став 1, член 8 став 3 во делот: 'претседателот на Советот и неговиот заменик се избираат од редот на членовите на Советот со право на глас', член 100 став 6 во делот: 'и усвојување' и став 8 од Законот означен во точката 1 од ова решение. Трет пат е ставен на дневен ред на седницата која се одржа на 30 јуни 2021 година, кога судијата известител предложи да се укине членот 8 став 3 во делот: 'кои се избрани од страна на Собранието на Република Северна Македонија' од Законот за Судски совет, меѓутоа предлогот не е усвоен поради недобиено мнозинствто. По четврти пат е ставен на седница за гласање на предлогот на 16 ноември 2022 година, меѓутоа и тогаш не е усвоен поради недобиено мнозинство гласови", велат од Уставниот суд.

Од Уставниот суд официјално не потврдуваат кој судија го водел овој предмет. но извори на МКД.мк ја потврдуваат нашата информација дека тоа бил судијата Осман Кадриу.

Она што дополнително ја комплицира работата е тоа што од задутре судијката Вангелина Маркудова заминува во пензија, па Уставниот суд повторно останува без една третина од судиите со што не ќе може полноправно да одлучува. Од таму потсетуваат дека Уставниот суд повеќе од 17 месеци функционира со недостаток на судии и затоа судот во секоја прилика упатува апели да се изберат нови судии и да се пополни составот како што е предвидено во Уставот. Од таму велат дека сѐ додека во Уставниот суд не бидат избрани преостанатите тројца судии, одлука нема ни да има.

„Сега предметот е во фаза на гласање, со исцрпена дискусија. Со оглед на фактот дека овој предмет беше ставен на седница на 16 ноември, пред две недели и предлогот не доби мнозинство за да биде донесена одлука, предметот ќе биде ставен на седница кога Уставниот суд ќе биде во полн состав", велат од Уставниот суд.

Во исто време во Собранието никако да продолжи комисиската расправа за избор на уште тројца уставни судии. Од власта како предлог остана да се расправа за Републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески. Опозицијата пак ги предложи обвинителите Тодор Витларов и Воислав Димоски, универзитетските професори Саво Климоски и Родна Живковска како и судиите Весна Јовановска и Бранко Секулоски. До сега ниту еден кандидат на опозицијата не го доби потребното мнозинство.

Весна Дамева

Дамева негира членство во СДСМ, вели дека докажала дека има интегритет

A новата претседателка на Судскиот совет Весна Дамева денеска порача дека нема веќе да има избор на судии од списоци.

Прашана кои се тие „судско-бизнис елити" за кои зборуваше нејзината претходничка Павлина Црвенковска како причина за отставка, Дамева рече дека не знае на што мисли Црвенковска, но дека откако таа ќе се врати од боледување ќе побара известување за таквите сознанија.

За наводите дека е член на СДСМ, Дамева рече дека со својата досегашна работа докажала дека има интегритет и не е член на ниту една политичка партија.

Како единствен предлог Дамева на денешната седница беше изгласана со десет гласа за и еден против.

Изборот на Дамева, доаѓа откако Павлина Црвенковска минатата недела, на неколку месеци од истекот на мандатот поднесе неотповиклива оставка од позицијата претседателка на Судски совет.

Функцијата претседател на Судски совет се избира со мандат од две години од редот на членови на советот, кои се избираат од Собранието.

 Искра Опетческа

 

Калоѓера не може да премолчи, не може да замиже пред историската вистина на Македонија, па затоа во својот живот се определил да македонствува.

повеќе

Слушањето како способност да го фокусираме вниманието на аудитивните дразби е важен аспект на нашиот живот и значително влијае на неговиот квалитет во сите сегменти.

повеќе

„Ќе дојде ден, кога пазарите отворени за трговија и размена на идеи, ќе бидат единствените борбени полиња“ - Виктор Иго

повеќе