сабота, 20 април 2024

Вардар не доби дозвола да игра на Градски: Никогаш нема да ви го простиме ова

Вардар не доби дозвола од ПУИГ мечот со Воска да го игра на Националната арена „Тодор Проески“, од клубот со жестоко соопштение се обратија до институцијата која им ја затвори вратата од храмот каде што припаѓаат црвено-црните.

Објавено на

часот

Сподели

Идејата на Вардар беше мечот со Воска да го игра на „Градски“, но институцијата која стопанисува со стадионот, ПУИГ им даде негативен одговор на црвено-црните.

Од Вардар реагираа со соопштение кое ви го пренесуваме во целост:

„Поради потценувачкиот однос на ПУИГ кон Вардар, нашиот клуб до крајот на оваа сезона нема да настапи на Градскиот стадион во Скопје.
И покрај фактот што уредно испративме допис во кој јасно наведовме дека сумата за изнајмување на стадионот ќе ја исплатиме во целост, добивме негативен одговор по однос на нашето барање. Да напоменеме дека покрај се, понудивме и механизам преку кој можевме да постигнеме заеднички договор, но сепак и во однос на тоа бевме категорично одбиени.
Ние ниту го создадовме, ниту го продлабочивме долгот на Вардар, а згора на тоа континуирано се трудиме истиот да го намалиме. Вие, ,,господа” од ПУИГ, денес ја затворивте вратата за најтрофејниот македонски фудбалски колектив и одлучивте да не бидете дел од една искрена приказна која ја создаваме. Никогаш нема да го заборавиме ова и никогаш нема да ви го простиме!
Вашите имиња ќе стојат засекогаш на столбот на срамот, во вашите удобни фотељи никогаш повеќе нема да седнете мирно.
За крај, би сакале да Ви порачаме дека Вардар вам ништо не ви должи. Од денес вие сте тие кои должите. Вашиот понижувачки чин скапо ќе го платите, а Вардар ви ветуваме дека кога-тогаш повторно ќе заигра во својот дом…дом во кој вие никогаш нема да се почувствувате како домаќини!
Вардарци, наши верни навивачи, утре го играме најважниот натпревар. На нашите фудбалери им е потребна поддршка повеќе од било кога. Затоа, масовното присуство на стадионот ,,Борис Трајковски” е неопходно за победа!“, се вели во соопштението.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ