Девојката почина на лице место од силниот удар

ОЈО ги бара снимките од камерите кај Сити мол, се чекаат анализи дали возачот што ја усмрти Викторија бил пијан и дрогиран

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа изврши увид на местото на тешка сообраќајна несреќа во близина на трговскиот центар Сити мол во Скопје, во која загина девојка, а момче беше повредено, соопштија денеска од Основното јавно обвинителство.

Оттаму наведуваат дека според првичните сознанија, до несреќата дошло кога патнички автомобил цитроен Ц4, управуван од лице на возраст од 22 години, удрил во двајца пешаци, девојка и момче на возраст од по 24 години, кои поминувале преку улицата. Од здобиените повреди, оштетената починала на лице место, додека другиот пешак е повреден и пренесен во болница.

„По наредба на јавен обвинител, возачот на автомобилот веднаш по несреќата е лишен од слобода и задржан во полициска станица. Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција на телото на починатата, а нареди и вештачење на примероци од крв и урина од возачот на автомобилот со цел да се утврди дали тој управувал со возилото под дејство на алкохол или други недозволени супстанции. Издадена е наредба за обезбедување на снимките од видео надзорот на местото каде се случи несреќата. Се преземаат и други дејствија за целосно расчистување на случајот, по што ќе биде донесена одлука за натамошното постапување“., информираа од ОЈО. 

Претходно МВР соопшти дека автомобилот удрил во две лица од Радовиш. Според првичните неофицијални информации, возачот кој што ја прегази девојката претекнувал друг автомобил.

Момчето на загинатата Викторија. Н., 24-годишниот Л.Д., нема сериозни телесни повреди и по сите направени прегледи е пуштен на домашно лекување.

„За среќа, тој не се здобил со тешки телесни повреди. Единствено имал набиеница во делот кај карлицата. Медицинскиот персонал целосно се погрижи за сите испитувања. Направена му е лабораторија, рентгенски прегледи по што е констатирано дека нема потреба да биде хоспитализиран. Пуштен е на домашно лекување со совет денеска да се јави на контрола", изјави за Фактор директорот на „Св. Наум Охридски" д-р Љубен Арсенков за дел од медиумите.

Тој додава дека момчето било во страшен шок, зашто целата страшна глетка се случила пред негови очи.

„Момчето било премногу вознемирено. Една страшна сцена се случила на само еден чекор пред него, поради што му е дадена терапија за смирување ", дополнил д-р Арсенков.

Актерот Жарко Димоски на својот фејсбук-профил вчера изрази сочувство за смртта на девојката која загина откако во неа удри автомобил кај Сити мол во Скопје. Тој вели дека случајно бил сведок на трагедијата и дека момче констатирало смрт кај девојката. Таа загина на самото место, а момчето е повредено и пренесено во болница. Улиците низ главниот град Димоски ги нарече минско поле.

„Бев случаен сведок кога еден млад дечко ја констатира смртта на девојката, слушнав крици што нема да ги заборавам цел живот! Улиците ни се како минско поле, ризик е да излезеш од дома, за жалење сме!", напиша Димоски.

Во девојката, која поминувала на пешачки премин кај Сити мол, удрило возило управувано од 22-годишен возач, потврдија од МВР. Еден маж е повреден и е однесен во болница.

Во неа удрило патничко возило „ситроен", управувано од Ј.Ѓ. (22), потврдија од МВР.

Денеска „во 19.44 часот пријавено е дека на улица Московска со булевар Партизански одреди се случила сообраќајна незгода во која патничко моторно возило 'ситроен' управувано од Ј. Ѓ. (1999) од Скопје удрило во Л.Д. (1997) од Радовиш, кој е повреден и пренесен во ГОБ 8 Септември и В.Н. (1997) од Радовиш, која починала на самото место. Се врши првичен увид", соопшти вчера МВР.

Фото: 360 Степени

Економската криза е лоша во сите сфери на живеењето, но од неа можеме и да научиме по нешто.

повеќе

Во саботата во јавноста го претставивме предлог-ребалансот на Буџетот за 2022 година, откако истиот беше усвоен од страна на Владата.

повеќе

Наспроти сесловенскиот и општоевропскиот карактер на нивната дејност, Кирил и Методиј станале објект на присвојувања уште од средниот век.

повеќе