Во ОЈО ГОК се води предистражна постапка

Русковска го чешла постапувањето на Максути за сервисирањето на канадерите

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОК) прави анализа на документите поврзани со јавната набавка на противпожарните авиони, потврдуваат за МКД.мк од Обвинителството. Детали не се споделуваат бидејќи, како што велат од ОЈО ГОК се работи за предистражна постапка која е тајна. Се работи за злоупотреба при тендерската постапка за сервисирање на леталата за гаснење на пожар од Дирекцијата за заштита и спасување со која раководи Беким Максути. 

„Предметен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во врска со сервисирањето на противпожарните авиони - канадери спроведува предистражна постапка. Во моментов се анализира прибавената документација поврзана со јавната набавка, по што ќе биде донесена одлука за понатамошниот тек на постапката. Со оглед на тајноста на предистражната постапка во моментот не може да се споделат повеќе детали за овој предмет", е одговорот што нашата редакција го доби од ОЈО ГОК.

Ова значи дека е отворена неформална постапка за собирање докази, во фаза кога кривичното дело или неговиот сторител сѐ уште не се откриени во целост, а ја спроведува полицијата по службена должност или по барање на јавниот обвинител.

Предистражна постапка се води со цел на јавниот обвинител да му се обезбеди материјал за да може да оцени дали согласно со собраните докази има основи на сомневање дека определено лице сторило кривично дело, за да може да донесе наредба против него за спроведување на истражна постапка. Во спротивно јавниот обвинител ќе ја отфрли кривичната пријава.

Воздухопловните канадери наречени „ер-трактор", кои од небо треба да помагаат во гаснењето на пожарите, не беа во функција неколку години. Едни од најефикасните оружја во борбата против пожарите чекаа тендер, оти немаше кој да ги сервисира. Додека се чека тендерската постапка, овие корисни летала минатото лето, каде што имаше оган ги заменува хеликоптери на АРМ.

Трите канадери што имаат капацитет да наполнат повеќе од 3 тони вода се во надлежност на ДЗС, но подолго време немаше фирма што е овластена за да им направи сервис и да може тие да се вивнат и да бидат во функција тогаш кога најмногу се потребни.

Минатото лето кога имаше многу пожари директорот на ДЗС, Максути појаснуваше дека употребата на овие летала е многу скапа инвестиција како и дека во скоро време ќе има оператор кој ќе ги сервисира.

Дирекцијата за заштита и спасување спроведе тендерска постапка, во чии рамки склучи договор со шпанската „Титан" во вредност од 25 милиони денари.

Според податоците од Бирото за јавни набавки, ДЗС склучил договор со оваа компанија во постапка со преговори без објавување на оглас поради итност, иако имало и друга понуда која била пониска за околу 4 милиони денари. Оваа понуда стигнала по истекот на крајниот рок, па затоа Комисијата за јавни набавки ја отфрлила како ненавремена и неприфатлива и на тој начин, бил склучен договор со шпанската компанија.

Дирекцијата за заштита и спасување минатиот месец извести дека оваа сезона влегува доста поподготвена од тоа што беше лани. Со првиот авион веќе има интензивни тренинзи, па најавија заедничка активност со МВР за гасење на пожари на отворено. Максути тогаш информираше дека вториот авион кој е на поправка во Шпанија е спремен веќе една недела, но не може да се испорача поради загинувањето на еден пилот откако се урна нивниот авион при гасење на пожарите во Португалија.

За третиот авион рече дека е таму веќе отворен, се работи и што поскоро ќе биде, но како што наведе Максути, најголеми проблеми во моментот имаат Португалија, Шпанија и Франција и Грција.

По предистражната постапка за наводна злоупотреба при тендерската постапка за сервисирање на леталата за гаснење на пожар од Дирекцијата за заштита и спасување со која раководи Максути, ОЈО ГОК ќе треба да одлучи дали и против кого ќе отвори истрага.

К.Д.

 

Ракот на корупцијата и понатаму е ендемичен, а актуелната власт сè повеќе потпаѓа под лошите навики на претходниот режим на Никола Груевски.

повеќе

Ех какво време дојде, да се стремиме кон нула. Уште повеќе, да постигнеме нула.

повеќе

Како да ги зачуваме националните и креативни наследства со помош на вештачката интелигенција?

повеќе