Обвинетиот најпрвин вербално, а потоа и физички го нападнал снимателот, удирајќи го со десниот лакт кон левата долна вилица и нанесувајќи му телесна повреда – набиеница. Кај присутните сведоци на настанот – новинар и возач на телевизиската екипа, обвинетиот предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв, соопшти Обвинителството.
Со обвинителниот предлог, јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и посебен предлог за продолжување на мерката куќен притвор за обвинетиот, бидејќи постојат основите поради кои таа првично му беше определена.
Од Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје утрово исто така соопштија дека е прифатен предлогот на обвинителството за продолжување на притворот за обвинетото лице.
„Постапувајќи по предлогот на ОЈО – Скопје за продолжување на мерката куќен притвор за М.П., за кој постoи основано сомнение дека сторил кривично дело Насилство од чл. 386 ст. 3 в.в. со ст. 1 од КЗ, а поврзано со вербалниот и физички напад на новинарската екипа на ТВ 24, советот го прифати предлогот и ја продолжи мерката куќен притвор за 30 дена. Воедно ја известуваме јавноста дека по поднесениот обвинителен предлог против осомничениот за наведениот настан, формиран е кривично – правен предмет со К.бр. 2489/22 кој согласно АКМИС – системот е распределен на понатамошно постапување, а откако ќе биде насрочена главната расправа, странките и јавноста ќе бидат известени“, се вели во соопштението на Судот.
Истата вечер, по нападот, полициски службеници од Единицата за насилен криминал при СВР Скопје го лишија од слобода М.П. (67) од Скопје, постапувајќи по пријава од Љ.И. (42) од Скопје, снимател во ТВ 24.
Новинарските здруженија веднаш реагираа во заштита на снимателот Љубиша Игнатов, а на прес-конференција одржана пред Собранието на Македонија снимателите и Здружението на новинари на Македонија уште еднаш побараа нападите и заканите врз снимателите и воопшто, врз медиумските работници да со законски измени да се третираат како напад врз службено лице.