Одлуката за тешката сообраќајка е правосилна

Малолетникот што го прегази д-р Јота доби воспитна мерка, ама детали од судијата нема оти е дете

На 25 февруари 2021 година хирургот Ѓорѓи Јота беше прегазен и тешко повреден во сообраќајка во Скопје. Неговата состојба беше многу сериозна поради нанесените повреди, но по долго време тој успеа да се опорави. Зад воланот во џипот БМВ Х6 што удри во д-р Јота додека тој минуваше на пешачки премин седеше малолетник, кој немаше ниту возачка дозвола. Според официјални информации на МДК.мк, малолетниот возач добил воспитна мерка, која е во фаза на извршување. Колку ќе трае оваа воспитна мерка од Судот не одговорија, само ни беше појаснето дека може да трае од неколку месеци до неколку години и дека се преиспитува секоја година. 

Од Основниот кривичен суд Скопје на прашање на МКД.мк каква е одлуката која што судот му ја изрекол на малолетникот ни беше одговорено дека одлуката, со оглед дека се работи за малолетно лице, не смее да се кажува. Официјалниот одговор е дека на осомничениот малолетен возач за кого се водеше постапка по Законот за правата на детето, му е определена Заводско-воспитна мерка.

„Согласно направените проверки со Одделот за малолетници при Основниот кривичен суд Скопје, Ве известуваме дека се работи за правосилно завршен предмет, правосилен од 3.9.2021 година, во која спрема детето во ризик е изречена Заводско воспитна мерка која е во фаза на реализирање, односно извршување. Со оглед да се работи за предмет од одделот за малолетници како и согласно Законот за правата на детето судот не може да ви даде дополнителни информации", стои во одговорот од Судот.

Јавниот обвинител од судијата за деца по сообраќајката побара за малолетникот да биде определена мерка куќен притвор со која ќе го обезбеди неговото присуство во текот на постапката, како и мерка на претпазливост – привремено одземање на патната исправа.

Судијата тогаш го прифати предлогот на обвинителот, па на детето во ризик му определи притвор во траење од 15 дена и одземање на пасошот.

„На 25 февруари, детето во ризик, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, не се придржувало кон сообраќајните прописи и со тоа го загрозило јавниот сообраќај и го довело во опасност животот и телото на луѓето. Иако немал возачка дозвола, тој управувал автомобил БМВ Х6 по булеварот „Мајка Тереза" во Скопје и кога дошол на раскрсницата со улицата „Елисие Поповски Марко" не ја приспособил брзината на движење на возилото спрема својствата и состојбата на патот, односно наближувајќи кон обележан пешачки премин не го управувал автомобилот со брзина што би му овозможила да запре и да ги пропушти пешаците. Така, тој со возилото удрил во пешак кој во тој момент поминувал по пешачкиот премин. Од ударот, оштетениот се здобил со тешки телесни повреди поради кои се наоѓа во животозагрозувачка состојба, а детето во ризик веднаш по несреќата го напуштило местото на настанот без да му укаже помош“, соопшти лани по сообраќајката Обвинителството. 

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до судијата за деца при Основниот кривичен суд Скопје по сообраќајката поднесе барање за поведување подготвителна постапка спрема дете во ризик постаро од 14 години, за кое постои основано сомнение дека извршило дејствие што со закон е определено како кривично дело – тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 3 во врска со член 297 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, како и кривично дело – недавање помош на лице повредено во сообраќајна незгода од член 301 став 1 од Кривичниот законик. 

По овој настан реакција имаше од адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска. Таа тогаш напиша дека ако бил доволно голем да седне во огромна моќна кола и да вози без дозвола, доволно е голем и да му се суди како на полнолетен.

„Ако бил доволно голем да седне во огромна моќна кола и да вози без дозвола, доволно е голем и да му се суди како на полнолетен. Има законски основ, само нека читаат малку подлабоко, нека не се поставуваат бирократски. Затоа се исклучоците, за санкциите и мерките да бидат соодветни и прилагодливи на стореното кривично дело и сторителот“, напиша тогаш адвокатката Јошевска-Анастасовска на својот фејсбук-профил.

Доктор Јота имаше тешка повреда на главата, нагмечување на мозокот и белите дробови и беше поставен е на респираторна машина, но успеа да го преживее ударот од малолетникот кој седнат зад воланот без возачка дозвола, го прегази со БМВ Х6. 

Заводски мерки се изрекуваат спрема малолетник кога постои потреба од потрајни мерки на воспитување, превоспитување или лекување и негово целосно одвојување од дотогашната средина. Траењето на овие мерки не може да биде подолго од пет години, но најмногу до наполнети 23 години.

Според Законот за правата на детето, Судот може да го упати во воспитна установа малолетникот врз кој треба да се обезбеди постојан надзор од страна на стручни лица (со стручна и школска подготовка за воспитувачи) заради воспитување, превоспитување и правилен развој. Во воспитната установа малолетникот останува најмалку шест месеца, а најмногу три години. При изрекувањето на оваа мерка судот не го определува нејзиното траење туку за тоа дополнително одлучува.

Исто така може да го упати во воспитно-поправен дом.

Малолетникот спрема кој треба да се применат потрајни и засилени мерки за воспитување и превоспитување и негово целосно одвојување од дотогашната средина, судот може да го упати во воспитно-поправен дом. При одлучувањето дали ќе ја изрече оваа мерка судот посебно ќе ја земе предвид тежината и природата на стореното дело и околноста дали спрема малолетникот порано биле изрекувани воспитни мерки или казна малолетнички затвор. Во воспитно-поправен дом малолетникот останува најмалку една година, а најмногу пет години, односно до наполнета 23 година.

При изрекувањето на оваа мерка судот не го определува нејзиното траење, туку за тоа дополнително одлучува.

Судот ја преиспитува потребата од престојот во воспитно-поправниот дом секоја година.

К.Д.

Работите во Македонија забегаа до тој степен што за нив мора да се пишува отворено, „револуционерно“.

повеќе

Минатата недела во јавноста се актуелизираше дискусијата за концептот на даночната реформа.

повеќе

Војната во Украина ја разоткри вистината за Русија, но и вистината за Европа. 

повеќе