Портпаролот на МВР за најавените измени во Кривичниот законик

Кривичното гонење на безобѕирните возачи ќе спаси многу животи, вели Ангеловски

„Возач на мотоцикл беше регистриран со полициски радар како вози со 315 километри на час. Тоа не е нормално“! Ова е дел од изјавата на портпаролот на МВР Тони Ангеловски дадена пред неколку месеци во Битола каде зборуваше за сообраќајните прекршоци што ги прават возачите, а најчесто во прашање е пречекорување на максимално дозволената брзина за возење. Тие што возат пребрзо се потенцијални убијци на улиците и патиштата, рече тогаш портпаролот. Тој денеска, во изјава за МКД.мк, вели дека МВР ги поздравува законските измени кои предвидуваат кривично гонење на „безобѕирните возачи“.

МКД.мк го праша Тони Ангеловски дали се сеќава на изјавата за моторџијата кој возел со 315 километри на час и дали е тоа рекордно фатена „луда" брзина во Македонија во последно време.

„Да, секако дека се сеќавам. Мислам дека во последниот период тоа е најбрзото возило, но кое бездруго, не можеше да му избега на полицискиот радар, а возачот мораше да се соочи со санкциите. Но нешто друго е поважно. Тој возач со таа брзина не може да биде господар на моќниот мотоцикл. Не само што го загрозил својот живот, туку мала дупка, камче на патот, судир со птица и какви сѐ други околности, можеа да бидат фатални и за други учесници во сообраќајот, па и за луѓе покрај патот. За жал, несреќи се случуваат токму поради непочитување на сообраќајните правила и прописи и неприлагодената брзина согласно условите на патот", ни рече Ангеловски.

Тој ни посочи повеќе примери на возачи „фатени" на радар како со автомобили возат со 220, 230 па и со повеќе километри на час. Тоа значи дека ако се возело по автопат, станува збор за пречекорена брзина од над 100 километри на час повеќе од дозволената. Ако се возело по магистрален или локален пат, тоа е веќе рамно на (само)убиствено возење.

„Замислете, со таква брзина по нашите патишта, кои не се секаде во добра состојба, какви сѐ несреќи можат да се случат. Веројатноста од несреќа е уште поголема ако возачот е во алкохолизирана состојба, или пак користел дрога. Тоа се 'бомби' на патиштата и улиците", вели Ангеловски.

Многупати со медиумите Службата за односи со јавноста на МВР споделува фотографии направени од екранот на радарот на кои се гледа возилото, неговата брзина и времето/датумот кога прекршокот е направен. Целта, вели портпаролот, е да ја алармираме јавноста, да ги потсетиме сите возачи, каков ризик преземаат, каква одговорност можат да сносат ако повредат или убијат некого како последица на тоа што лудувале со своите возила.

Ангеловски вели дека Министерството за внатрешни работи апсолутно ги поздравува и поддржува најавените измени на Кривичниот законик со кои „безобѕирното возење" ќе стане кривично дело, а не како досега прекршок.

„Ако возите под дејство на алкохол со концентрација од најмалку 1,50 г/промили во крвта, или возите под дејство на дроги, психотропни супстанции или прекурзори, или возите во забранет правец, претекнувате колона возила на непрегледно место или возите со брзина која надминува 70 километри на час над дозволената, согласно новиот член 403 во предлог текстот на Кривичниот законик, ќе претставува безобѕирно управување со моторно возило и ќе се смета за кривично дело", се вели во предложениот текст на новиот Кривичен законик.

Портпаролот на МВР Ангеловски вели дека прекршочните казни за пребрзо возење, над 50 или над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина, изнесуваат 300 и 400 евра или пак до 500 евра во посебни случаи и дека не секогаш се доволни за неодговорните возачи потоа да ги почитуваат ограничувањата на брзината.

„Ако тој прекршител има скапо и моќно возило со спортски карактеристики, за него не е никаков проблем паричната казна. Зборувам за оние лица кои се неодговорни учесници во сообраќајот, за оние кои сакаат да се 'покажат' пред другите колку моќно возило имаат и со каква брзина можат да го возат. Искрено, МВР ги поздравува таквите измени. Впрочем, во многу земји токму во овој период се прават слични измени во законите, со цел да се зголеми безбедноста во сообраќајот. МВР со секојдневните сообраќајни контроли и соопштенија за медиумите за казнетите учесници во сообраќајот успеа во последните години да го намали бројот на сообраќајните несреќи", вели Ангеловски.

Минатата година во сообраќајни несреќи загинале 116 лица, најмалку во споредба со претходните 15 години.

„За жал претежно се работи за жртви како последица токму на непочитување на сообраќајните правила и прописи. Не велам дека бројката е ниска, секој живот е вреден, но сепак станува збор за намалување како резултат на секојдневните контроли на сообраќајната полиција. Тоа возачите почнаа да го разбираат и повеќе водат сметка како возат", нагласува портпаролот.

Тој наведува дека во текот на минатата година биле казнети вкупно 240.871 од кои дури 104.703 возачи за брзо возење. Без возачка дозвола возеле 24.053 лица.

Инаку, предложените измени во членот 403 од Кривичниот законик, кои би можеле да бидат усвоени до крајот на годината, предвидуваат кривична одговорност и во случаи кога не е предизвикана сообраќајна несреќа, односно нема последици по живот или материјални добра, односно кога се возело „безобѕирно".

„Практично, дел од дејствијата кои претходно беа прекршочно казнувани сега ќе бидат подигнати на ниво на кривично дело", велат од Јавното обвинителство од каде потенцираат дека се подготвуваат за примена на вакво законско решение.

Измените во Кривичниот законик ќе наложат промени и во некои други закони и законски нормативи, како на пример во Законот за безбедност во сообраќајот и патиштата, како и во законот за прекршоци каде за овие ситуации се предвидува парична казна и казна за одземање на возачката дозвола.

Портпаролот на МВР Тони Ангеловски апелира до возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не возат под дејство на алкохол и секогаш да мислат на безбедноста на сопатниците и на другите учесници во сообраќајот. Тој апелира до пешаците да не преминуваат улица надвор од пешачки премин ниту на црвено светло на семафорот за пешаците.

П.Џамбазоски

Доколку чувствуваме дека нашиот труд ќе биде награден со успех, ќе ѝ приоѓаме на околината со апетит, доверба и храброст.

повеќе

Од општи формулации кон конкретни разговори.

повеќе

„Вчерашниот ден измина, утрешниот допрва доаѓа, го имаме само денес - да започнеме“.

повеќе