„Во предметот за кој покажувате интерес Основното јавно обвинителство Гостивар првично донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело - Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот според член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик. Надлежниот јавен обвинител спроведе темелна истражна постапка во рамките на која беа наредени и извршени повеќе вештачења за точно утврдување на причините за несреќата. Од резултатите на извршените вештачења произлезе дека осомничениот во критичниот момент немал траги од алкохол или опијати во крв и урина и не ја пречекорил дозволената брзина на патот.“
„Единствен констатиран пропуст со сообраќајното вештачење е претекнување на полна лента, за што осомничениот призна вина и изјави жалење и каење за стореното кривично дело. Имајќи ги предвид сите утврдени околности, надлежниот јавен обвинител констатираше дека осомничениот го сторил делото од небрежност и дека во конкретниот случај се исполнети елементите на кривично дело - Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот според член 300 став 4 и став 3 во врска со член 297 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик", стои во одговорот од Обвинителството.
Осомничениот преку неговиот бранител поднесе предлог-спогодба за признание на вина со која предлагаа условна казна затвор за стореното кривично дело.
Надлежниот јавен обвинител го одби ваквиот предлог, па имајќи ги предвид сите околности во предметот и судската пракса на Основниот суд Гостивар, одлучи да постигне предлог-спогодба со која на обвинетиот ќе му биде утврдена ефективна затворска казна од шест месеци. Ваквата спогодба беше потврдена од надлежниот суд.
Според ОЈО Гостивар, на 4 септември, на магистралниот пат Кичево-Гостивар, осомничениот како учесник во сообраќајот на јавните патишта не се придржувал кон прописите и го загрозил јавниот сообраќај.
„Движејќи се со патничко моторно возило „мерцедес" со кичевски регистарски ознаки, тој на критичното место не ја прилагодил брзината на движење според состојбите и условите на патот и на видно обележана полна надолжна линија започнал престигнување на возилото пред него – автомобил „БМВ" со тетовски регистарски ознаки. Во истиот момент, во обратна насока кон Кичево се движел автомобил „санг јонг" со гостиварски ознаки, на кое осомничениот му го попречил патот, па директно удрил со предниот десен дел од „мерцедесот" во предниот десен дел од автомобилот „санг јонг". Удреното возило со левиот страничен дел, пак, удрило и во автомобилот „БМВ" кој бил претекнуван. Во несреќата, животот го загубил сопатник во автомобилот „санг јонг", четири лица добиле тешки телесни повреди, а тројца, меѓу кои и осомничениот, добиле со телесни повреди", соопштија тогаш од Обвинителството.
Поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоците, оштетените и можност за повторување на делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гостивар достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.
Кичеец по определениот притвор помина во Истражниот затвор во Шутка само 3 дена. Откако до затворот стаса решение од Основниот суд во Гостивар со кое беше одлучено Милевски веднаш да биде спроведен на издржување на казната затвор во Струга, тоа беше и направено. Тој е осуден на казна затвор од 3 години за случајот „Рекет“ каде што исто така призна вина.
Милевски влезе во Истражниот затвор во Шутка на 7 септември околу 21.30 часот, а излезе по само три дена, односно денес, 10 септември околу 17.30 часот.
К.Д.