Наместо над 4 години

Кичеец доби 6 месеци затвор зашто „лекомислено“ минал на полна линија кога уби човек

Процената на обвинителот Арсим Адеми дека Зоран Милевски Кичеец усмртил човек во сообраќајка од небрежност, го спаси од долги години затвор. Наместо над 4 години затвор за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, со процената од Основното јавно обвинителство Гостивар дека сообраќајката со жртва е сторена од небрежност, казната според Кривичниот закон е парична или затвор до една година. Редакцијата на МКД.мк го праша обвинителот Адеми што било пресудно за да утврди небрежност кај Кичеец, на што ни беше одговорено дека обвинетиот бил свесен за штетните последици што би можеле да настанат, но лекомислено сметал дека тие нема да се случат.

Сообраќајот е место во кое една нечија грешка некого друг може да чини живот. Кога сте зад воланот, треба да имате „четири отворени очи“ бидејќи еден погрешен потег може некому да му го смени или да му го згасне животот.

Буквално во миг ви се менува целиот живот. И за тоа, односно за последиците што сте ги предизвикале некому, тука е законот за да ве опомени и казни. Законот е чуден. На пример, ако некому му забиете нож во грб, ќе ви се суди за убиство и може да добиете затвор од 10 години до доживотно. Но ако усмртите човек, а во раце како „оружје“ го имате воланот од автомобилот, тогаш може да не добиете ниту еден ден казна зад решетки, или пак да добиете затвор од само 6 месеци.

Случајот со Зоран Милевски Кичеец во кој тој доби затвор од 6 месеци за сообраќајка со жртва и 7 повредени лица, ја отвори дилемата околу тоа колку вреди човечкиот живот кога се работи за тешки сообраќајки. 

Кичеец, иако усмрти човек и повреди 7 лица, сметал дека затворска казна е непотребна и дека целите на казнувањето за тоа што го сторил ќе може да се постигнат дури и ако добие условна казна. И да, условните казни не се нешто ново кога станува збор за сообраќајка во која има жртва. На пример, за сообраќајката кај Млечен што се случи во 2018 година првично беше изречена условна пресуда, но потоа Апелацискиот суд одлучи дека казната треба да биде 2 години затвор. Гоце го загуби животот на 32 години во сообраќајка во октомври 2018 година во Скопје, а Наташа, која била бремена, освен повредите го загуби и плодот.

Заввчера добивме одговор од Обвинителството дека за сообраќајката што се случи на 4 септември годинава Кичеец признал вина, а обвинителот Арсим Адеми дал предлог тој да биде осуден на затвор од 6 месеци. Она што го буквално го спасило Кичеец од затвор од над 4 години, колку што предвидува членот 300 став 2, е процената на обвинителот е дека тој делото го сторил од небрежност.

Во тој случај Кривичниот закон предвидува дека сторителот може да се казни со парична казна или со затвор од најмногу една година.

И поради големата разлика во казната, редакцијата на МКД.мк побара објаснување од обвинителот Адеми што било пресудно за да утврди небрежност кај Кичеец. Тоа го сторивме преку канцеларијата за односи со јавноста, каде што нагласивме дека прашањата ги упатуваме конкретно до обвинителот. Одговорот што го добивме е дека Адеми утврдил небрежност бидејќи Кичеец бил свесен за штетните последици што би можеле да настанат, но лекомислено сметал дека тие нема да се случат.

„Сите утврдени факти во вештачењето за наведениот предмет упатуваат дека обвинетиот го сторил делото од небрежност, односно бил свесен за штетните последици што би можеле да настанат, но лекомислено сметал дека тие нема да се случат (претекнувал на полна лента, лекомислено верувајќи дека со тоа нема да предизвика тешка сообраќајна несреќа). Притоа, тој не возел со брзина поголема од дозволената и не управувал со возилото под дејство на алкохол или дрога, што би можело да исклучи дека делото е сторено од небрежност. Конкретните елементи врз основа на кои се утврдува небрежност се утврдуваат во секој предмет поединечно, но најчесто тие вклучуваат управување со автомобилот под дејство на алкохол или дрога, големо пречекорување на дозволена брзина, свесно преминување на црвено светло и сл“, ни одговори Обвинителството од Гостивар.

Од обвинителот не добивме одговор на тоа каков пример оваа пресуда ќе им даде на другите учесници во сообраќајот што исто така би поминале на полна линија и би сметале дека нема ништо да се случи, а се свесни дека прават прекршок.

Во делот во кој Обвинителството кога ја прави предлог-спогодбата откако Кичеец признал вина и кажал дека се кае за сообраќајката, се повикува на праксата на Основниот суд во Гостивар, ни беше одговорено дека за ваков тип кривични дела, односно за сообраќајки со жртви кога се утврдувала небрежност, судот најчесто изрекувал условни казни или затвор до една година.

Од оваа причина и обвинителот се раководел од праксата на Судот и сметал дека на Кичеец треба да му биде изречена казна од само 6 месеци затвор за сообраќајка со една жртва и 7 повредени лица.

„Што се однесува до делот од соопштението што го наведувате, реченицата се однесува на праксата на Основниот суд Гостивар за овој вид кривични дела, каде што најчесто биле изрекувани условни казни или казни затвор до една година“, стои во одговорот на Обвинителството до нашата редакција.

За Обвинителството единствен констатиран пропуст со сообраќајното вештачење е претекнување на полна лента, за што осомничениот призна вина и изјави жалење и каење за стореното кривично дело.

„Имајќи ги предвид сите утврдени околности, надлежниот јавен обвинител констатираше дека осомничениот го сторил делото од небрежност и дека во конкретниот случај се исполнети елементите на кривично дело - тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот според член 300 став 4 и став 3 во врска со член 297 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик", беше одговорот од Обвинителството откако на Кичеец му беше утврдена казната.

Сообраќајката за која ја доби казната, Кичеец ја направи во период кога бил пуштен на викенд отсуство. Освен оваа пресуда, тој има уште една, односно онаа за „Рекет“, во која е правосилно осуден на затвор од 3 години. Ама поради како што вели самиот во барањето до Управата за извршување на санкции, проблеми со срцето, тој побарал прекин на издржувањето на затворската казна.

И овој прекин го добил од Управата за извршување на санкции, а конкретните причини се тахикардија и градна болка Со решение на Управата за извршување на санкции на осудениот во „Рекет“, Зоран Милевски Кичеец му е одобрен прекин на издржување на казната затвор поради здравствена состојба. До Управата доставил специјалистички извештаи од лекарски прегледи.

По сообраќајката му беше изречена мерка притвор, којашто му траеше само 3 дена. Затвореникот што направи сообраќајка од притвор замина во затвор. Тогаш до Истражниот затвор во Шутка стасало решение од Основниот суд во Гостивар со кое е одлучено Милевски веднаш да биде спроведен на издржување на казната затвор во Струга.

Милевски влезе во Истражниот затвор во Шутка на 7 септември околу 21, 30 часот, а излезе по само три дена, односно на 10 септември, околу 17.30 часот.

К. Додевска 

Со фактот што Европа продолжува да плаќа милијарди долари за рускиот гас секој месец, таа и понатаму игра онака како што свири Кремљ, покажувајќи на тој начин дека е заробеник на сопственото задоволство.

повеќе

Грејната сезона заврши во месец април како и секоја година, но последнава беше со многу проблеми кои произлегоа од енергетската криза, од војната во Украина и генерално од светската економска криза.

повеќе

Откривањето на минатото ни помага многу да ги научиме изненадувањата на иднината.

повеќе