Јово Вангеловски за Талир 2: Ексшефицата на СЈО длабоко инволвирана во корупција пишуваше обвиненија по истекот на рокот

Повисоките судови како и богатата судска пракса на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) мислам дека ќе ја донесат правдата на виделина во судскиот предмет Талир 2, вели во разговорот  за МКД.мк Јово Вангеловски, поранешниот претседател на Врховниот суд во чие време беше донесено начелно правно мислење според кое поранешната специјална обвинителка Катица Јанева која издржува затворска казна од седум години во случајот „Рекет“ немала надлежност за постапување, што значи дека не можела да покренува обвиненија, затоа што мандат на поранешното СЈО за поднесување обвиненија и за прибирање докази беше само 18 месеци.

Инаку, поранешниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски е огласен за виновен и е осуден условно за злоупотреба на службената положба и овластување.

Познато е дека Врховниот суд со начелниот правен став од јануари 2019 година ги негираше сите постапки покренати по изминатиот рок од 18 месеци од Законот за СЈО. Според ова обврзувачко правно мислење за сите тие постапки СЈО беше огласено за неовластен тужител за преземање на јавнообвинителски работи на предистражни и истражни дејства.

За да ги разјасниме дилемите за овој правен јазол кој би можел повторно да ја бранува јавноста по најавата на одбраната во Талир 2 дека ќе ги искористи сите правни можности повикуваќи се токму на правното мислење на Врховниот суд, разговараме со Вангеловски.

- За сите случаи во кои е спорно дали СЈО било овластен тужител бидејќи постапувало по истекот на роковите предвидени со тогаш важечкиот Закон за СЈО, применливо е правното мислење на општата седница на Врховниот суд. Пред се тука се јасни и категорични одредбите на тој закон. Со оглед дека се работи за специјално обвинителство, како самостоен орган формиран со посебен Закон, на тоа обвинителство му се дадени специјални надлежности и овластувања, но истовремено и специјални ограничувања. Тука ќе зборуваме само за ограничувањата, бидејќи тие се предмет на спор во судската пракса, но исто така тие беа причина за да се произнесе највисокото тело на Врховниот суд со свое правно мислење.

Колкав беше рокот во кој поранешното Специјално обвинителство можеше да покренува обвиненија?

- Ограничувањата се однесуваат на јасно прецизираните рокови предвидени со тој Закон во кои СЈО може да презема определени јавнообвинителски дејства, како и временскиот рок на кој е ограничено постоењето на тоа специјално обвинителство. По однос на прашањето за тоа колкав е рокот во кој тоа обвинителство можело да подига обвиненија, Законот дава прецизен опис. Впрочем тоа беше причината зошто на последниот ден од рокот, Кривичниот суд беше претрупан со предмети доставени тој ден од страна на СЈО. Притоа и јавноста беше информирана за тоа дека е запазен законскиот рок и дека во последниот ден од тој рок, на 30 јуни 2017 година се поднесени определен број на обвиненија против конкретно именувани личности (повредата на презумпцијата на невиност не е сега тема). Ако малку пролистаме, ќе видиме многу медиумски експонирани настапи на тогаш медиумски сеприсутното Специјално јавно обвинителство. Од тука мислам дека тоа прашање во тоа време беше апсолутно неспорно за сите, вклучително и за странките во постапките.

Одбраната во Талир 2 во неколку наврати го нотираше и фактот дека поранешната специјална обвинителка Катица Јанева е на издржување затворска казна алудирајќи на кредибилноста на нејзините одлуки и работење, освен покренувањето обвиненија по истекот на рокот?

- Ова не е предмет на опсервација и мислење, но сепак ќе морам да споменам дека во некој период по истекот на овој законски рок, во СЈО се појавија определени девијантни однесувања, кои конечно резултураа дури и со кривична постапка против шефицата на тоа обвинителство. Така работата на тоа обвинителство беше компромитирана, а истовремено се појавија и аргументирани сомневања за непристрасното постапување на тоа обвинителство.

Во тоа време започнаа прво најави, а потоа и дејства со кои СЈО направи обид да си се промовира како особено важен орган за борба против криминалот. Па така шефицата на тоа обвинителство, иако самата веќе длабоко коруптивно инволвирана (за што постои правосилна пресуда), потпишуваше обвиненија по истекот на строго утврдениот законски рок. Зошто тоа го правела, за мене е лесно да претпоставам, но одговорот сепак побарајте го од неа.

Како дојде до начелното правно мислење на Врховниот суд, кој го поттикна?

- На барање на адвокат вклучен во одбраната на некој од обвинетите, пред општата седница на Врховниот суд се постави предмет да се произнесе со свое правно мислење за конкретно правно прашање. Тоа правно мислење беше донесено, и истото е јавно достапно, и нема тука да го цитирам. Со истото и тогаш и сега целосно се согласувам. Тука само ќе укажам дека правното мислење го дефинира СЈО како неовластен тужител за преземање на јавнообвинителски дејства по истекот на законски прецизираните рокови.

Сепак, подоцна беше донесен нов Закон за јавно обвинителство според кој судбината на предметите на СЈО остана да ја решаваат обвинители на јавното обвинителство, дали тоа значи дека на овој начин се анулира правното мислење на Врховниот суд?   

- Следува еден период на време во кој постои СЈО, со тогаш важечкиот Закон за СЈО, и во кој тој орган постапува во тие предмети. После еден подолг период беше донесен нов Закон за ЈО, со кој беше направен обид да се даде „легалитет” на постапките на СЈО во меѓупериодот пред донесувањето на новиот Закон.

Независно од тоа колкав е овој меѓупериод, дури да е само еден мал дел од секундата, правните последици од пропуштањето на роковите на тогашното СЈО настапиле во тој момент. Следствено на тоа со правилна примена на тогаш важечкиот закон, но и со повикувањето на правното мислење на општата седница на Врховниот суд судовите можеле и морале да донесат одлука со која ќе го санкционираат ненавременото постапување на тогашното Специјално јавно обвинителство. Тоа се однесува и на конкретниот предмет т.н. Талир 2.

Околноста што сега не е во правна сила Законот за СЈО, и имаме важечки Закон за ЈО со кој е регулирано постапувањето по предметите на СЈО, не значи дека со новиот закон „се легализира” незаконито постапување на јавнообвинителски орган. Ве молам, не се работи за легализација на дивоградба. Се работи за драстично кршење на закон. Малку ќе карикирам, но заради сликовито појаснување ќе морам да направам некои споредби. Статусот на неовластен тужител кој во еден период го има СЈО, е еднаков со статусот на било кое трето лице, независно дали е правно образуван или необразуван граѓанин, или полицаец, или хигиеничар или трговец итн. Неовластениот тужител нема право да поднесе обвинение според Законот за кривичната постапка. Следствено на тоа повисоките судовите применувајќи го тој Закон, како и богатата судска пракса на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), мислам дека ќе ја донесат правдата на виделина, иако првостепената пресуда не е таква. Со интерес ќе го прочитам образложението на пресудата која е спротивставена со моето мислење кога таа ќе биде јавно објавена. Претпоставувам дека тоа, независно од жалбите на странките, ќе биде предмет на дискусија кај правните практичари.

 

А.Д.

Војната во Украина ја разоткри вистината за Русија, но и вистината за Европа. 

повеќе

Несанкционирањето на овој говор доведува до повторување, ширење и злоупотреба на овие аномалии како еден вид „нормализиран“ начин во политичката борба против поединци и групи со различни мислења.

повеќе

Потписниците на нотарските изјави дека нема да гласаат за измените на Уставот се подложни на промени за материјално благо.

 

повеќе